Дисциплинската комисија за одговорност на јавните обвинители која претходно му одреди казна на обвинителот Јове Цветановски, му ја укина на итен состанок на сè уште незавршена летна ферија и му го отвори патот за кандидатура за Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, на местото на Ислам Абази, кому мандатот му истекува.
Истовремено, тој како виш обвинител даде мислење прекинатата истрага за мазутот во ТЕЦ Неготино во која Обвинителството за организиран криминал не најде штета на државниот буџет, да продолжи, како што бараа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на секојдневни прес-конференции владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Со дисциплинска мерка, обвинител не смее да се кандидира на оглас за функција односно унапредување. Ослободениот Цветановски се кандидирал, но му останува обвинението во Основниот суд Штип, кое цела година не може да се оцени.
- ПРЕД ДА БИДЕ СУСПЕНДИРАН, ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ ЈА БЛОКИРАЛ ДИСЦИПЛИНСКАТА КОМИСИЈА КОЈА МУ ОТВОРИ ПОСТАПКА НЕМУ И НА ШЕФОТ МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ
- ОБВИНИТЕЛОТ ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ НЕСОВЕСНО ЗАПРЕЛ 4 КРИВИЧНИ ГОНЕЊА, ЗА 3 ОД НИВ РЕФЕРИРАЛ ПРЕД ШЕФОТ МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ, КОЈ ВЕЌЕ Е СУСПЕНДИРАН
- ЛАТАС СЛОБОДЕН ВО „ТРЕВНИК“, ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ ГО ПОВЛЕЧЕ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ЗЕЛЕНИКОВО ПРОТИВ НЕГО И БРАЌАТА
- ПРЕДЛОГ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ВИШИОТ ОБВИНИТЕЛ МУСТАФА ХАЈРУЛАХИ, А ЗА ОБВИНИТЕЛОТ ЈОВЕ ЦВЕТАНОСКИ 30 ОТСТО ПОМАЛА ПЛАТА 6 МЕСЕЦИ, ОДЛУЧИ ДИСЦИПЛИНСКАТА КОМИСИЈА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО
Дисциплинската комисија за своето премислување за претходноизречената мерка против Цветановски, се извади на Советот на јавни обвинители. Таму пак, претседателот Башким Бесими е недостапен, тој не одговара на службениот телефон да каже нешто повеќе околу дадените насоки.
„Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршењето на јавнообвинителската функцијата, врз основа на насоките добиени од Советот на јавните обвинители во жалбена постапка и имајќи ги предвид доказите, со мнозинство гласови донесе одлука со која не утврди дисциплинска одговорност на јавниот обвинител против кого се водеше постапка“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК Дисциплинската комисија.
На дополнително прашање – дали Државниот обвинител Ненад Савески ќе ја обжали таа одлука, од неговиот кабинет ни беше одговорено следново:
„Одлуката е доставена до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и тој нема да вложи жалба, имајќи ја предвид аргументацијата изнесена во образложението на одлуката“.
Дисциплинската комисија се извади на насоките од Советот на јавни обвинители, Савески на аргументацијата и образложението на одлуката на Дисциплинската комисија, кои го „разоружале“ во случајот со обвинетиот колега Цветановски кој сака да биде Јавен обвинител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Цветановски се пријавил на огласот, кој завршува в понеделник.
Се обративме до Апелациониот суд Штип со прашање – зошто една година не може да се оцени обвиненителниот акт против Јове Цветановски и на обвинението против Мустафа Хајрулахи кои се во еден предмет.
„Еднаш беше стигната жалба до Апелациониот суд Штип откако судијката од Основниот суд Штип одби да се издвојат односно да отпаднат докази од обвинението. Ние ја укинавме нејзината одлука. Предметот се враќа повторно кај истата судијка и таа ја носи истата одлука. Пак стигнува жалба до Штипска апелација од еден од обвинетите, на 20 август. Ние веднаш предметот го испративме на мислење до Вишото обвинителство на Штип и еве 15 дена немаме одговор. Штом стигне мислењето, веднаш ќе одлучиме и обвинението ќе може да оди на оценување во Основниот суд Штип“, ни изјави претседателот на Штипска апелација Тони Делев.
На 9 септември лани беше поднесено обвинение против Хајрулахи и обвинителен предлог против Цветановски. По целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против Хајрулахи за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Постапувајќи во текот на истражната постапка, јавниот обвинител обезбедил докази и во однос на службеното постапување на Харулахи и Цветановски, па поднесе и Обвинителен предлог со кој ги товари дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетите, во временскиот период од јануари 2023 година до август 2024 година, во ВЈО Скопје, заедно спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот Хајрулахи ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно ‘без многу галама’ да бидат доделувани на второобвинетиот Цветановски“, стои во обвинителниот предлог.
Во обвинението се наведува дека постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки.
С. К. ДЕЛЕВСКА



