КУМАНОВО ПОЧНА СО СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД ОД ПЛАСТИКА

    КУМАНОВО ПОЧНА СО СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД ОД ПЛАСТИКАНа околу 200 домаќинства во населбата Зелен Рид им се поделни бесплатни канти каде што ќе го селектираат отпадот. (Фото: СДК.МК)

    Пилот-проект за примарна селекција на пластичен отпад и лименки почна во Куманово. На околу 200 домаќинства во населбата Зелен Рид им се поделни бесплатни канти каде што ќе го селектираат отпадот, по што колективен постапувач ќе го собира од домовите на две недели.

    Целта на проектот е отпадот од домаќинствата да се одвои уште на почетокот на неговото создавање, со што ќе се подобрат условите за негово понатамошно собирање и рециклирање. На тој начин ќе се намалат количините на отпад што завршуваат на депониите, поефикасно ќе се искористуваат ресурсите и постепено ќе се воведуваат принципите на циркуларната економија во секојдневните навики на граѓаните.

    Проектот го спроведува Одделението за заштита на животната средина од Општина Куманово, во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за климатски промени и фирмата „Уно продукт”- Куманово.

    „Денеска сме на улицата Мирче Ацев каде ќе донираме 200 пластични канти за селекција на шишиња од вода и сок, обена и необоена пластика и алуминиумски лименки од сок, пиво и храна и пластични кеси. Ова е пилот-проект, почнуваме од овде, а ќе ги опфатиме и останатите улици во населбата и во други делови на градот каде ќе се поделат бесплатни канти, со цел да го исчистиме градот од ПЕТ амбалажата. Се надеваме дека ќе се разбуди еколошката свест кај граѓаните и проектот ќе биде успешен“, кажа Сашо Томиќ, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

    Раководителката на Одделението за заштита на животната средина од Општина Куманово, Александра Протиќ, ги повика граѓаните правилно да го селектираат отпадот.

    „ Сакам да ги повикам граѓаните кантите кои ќе им бидат поделени да ги користат исклучиво за селектирање на пластика и лименки, за да не дојде до мешање со комуналниот отпад, заради воспоставување на системот за управување со отпад“, кажа Протиќ.

    Од Центарот за климатски промени, рекоа дека еден од столбовите на зелената агенда е и циркуларната економија, а таа не може да се обезбеди без примарна селекција.

    Кантите за селекција на отпад ги донира Министертсвото за животна средина.

    Општина Куманово е дел од поголем проект „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво”, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

    Од „Чистота и зеленило“ кажаа дека ќе добијат и 2 камиони за собирање смет, 1 цистерна за вода и 2 метлачки за одржување и метење на уличните површини, дел од новата комунална механизација, обезбедена преку донација од Светската банка за  Македонија промовирана во Скопје. По ова се очекува да се зголеми хигиената во градот која сега не е на задоволително ново, поради стариот возен парк и тешката финансиска состојба на претпријатието.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира