ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ СЕ ЖУРКАА НА ВИЗУЕЛНО ИМПРЕСИВНИОТ НАСТАП НА ДЕЈВИД ГЕТА ВО СКОПЈЕ

    ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ СЕ ЖУРКАА НА ВИЗУЕЛНО ИМПРЕСИВНИОТ НАСТАП НА ДЕЈВИД ГЕТА ВО СКОПЈЕГета два часа пушташе хитови еден по друг (Фото: К. Попов)

    Со двочасовниот настап на францускиот диџеј, продуцент и хитмејкер Дејвид Гета на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје, се заокружи прославата на 35 години независност на Македонија.

    Ова беше кулминација во вистинска смисла на зборот. Во Македонија никогаш претходно немало музички настан со 50.000 луѓе (колку што рекоа дека се продале влезници по цена од 35 денари) и глетката од малку повисоко беше нереална. Од друга страна, стадионското шоу „Монолит“ на Гета е редок визуелен спектакл, а ако кон тоа се додадат и познатите мелодии од неговите радио-хитови и од други класици на електронската музика, имате полн погодок.

    Шоуто беше дополнето со огнови, ласери и пиротехника (Фото: К. Попов)

    Атмосферата од 20 часот ја загреваа домашните диџеи Семпре и Никифор, кои, соодветно на празничниот ден, во своите сетови вклучија бројни ремикси на македонски поп-хитови. Гета излезе на сцената неочекувано доцна, по 22:30 часот и пречекот со вресоци од публиката само потврди дека тој е една од суперѕвездите на современата популарна музика. Девојчињата од првиот ред пред бината, со спремни телефони во рацете, ни рекоа дека од почетокот на вечерта биле таму.

    Стадионското шоу „Монолит“ на Гета е редок визуелен спектакл (Фото: К. Попов)

    Гета миксаше хитови еден по друг и имаше одлично разбирање со публиката, која очигледно уживаше и добро се забавуваше, а на моменти и во транс ги пееше рефрените од неговите песни. Шоуто беше дополнето со огнови, ласери и пиротехника, но најимпресивни беа видеопроекциите кои непрекинато се прикажуваа на огромниот заоблен екран и џиновскиот црн монолит, кој е заштитен знак на оваа турнеја на Гета.

    Публиката со вресоци и телефони го пречека излегувањето на Гета на сцената (Фото: К. Попов)

    Организацијата на вака масовен настан беше сериозен тест и предизвик за сите вклучени и на прв поглед, сѐ помина во најдобар ред.

    Од Владата и „Авалон“, кои заеднички ги организираа содржините од прославата, засега немаат објавено колку чинело сето тоа.

    На 27 мај 2026, владината портпаролка Марија Митева, изјави дека Владата не крие ништо во однос на организацијата на прославите по повод 35 години независност на Македонија, но поради некои договорни клаузули, во моментот не можат да ги објават сумите.

    „Како влада не останавме должни. Немаме што да криеме во однос на организацијата, меѓутоа ќе ни дозволите да завршиме со најавите на сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали“, кажа тогаш портпаролката Митева.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира