Здружението „Зборци“ на 12 септември од 19 часот, во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, ќе ја одржи манифестацијата „Зборотворба на годината 2026“, посветена на македонскиот јазик, зборообразувањето, книжевноста и музиката. Влезот е слободен. Годинава за изборот на збор на годината пристигнале 512 кандидат-зборови.
„Најмногу би нè радувало ако некој од избраните зборови навистина фати корен и почне да живее во секојдневниот говор“, велат од „Зборци“.
Програмата ќе почне со дискусијата „Озборување“, на која ќе учествуваат Калиа Димитрова, Румена Бужаровска и Никола Коља Гелевски, со Виктор Бучковски како модератор.
Од 20:15 часот почнува музичката програма со Женскиот младински хор при МКЦ, по што ќе настапат поп-пејачката Лидија Кочовска во придружба на Боби Јоргуш, раперот Вец Вајс Верс и бендот „Животни“. Во 23 часот, музичарите Принцес Донатсу и Донплеја ќе настапат заедно со Битолскиот камерен оркестар, а програмата на полноќ ќе ја затвори групата „Маратонци“.
За победничките зборови ќе одлучува жири во состав: професорките Илина Јакимовска и Станислава-Сташа Тофоска, раперот и текстописец Никола Трпески, театарскиот режисер Дамјан Читкушев и Виктор Бучковски од „Зборци“.
Предност ќе имаат зборови кои можат природно да влезат во секојдневниот говор, да понудат домашна замена за интернационализми и да бидат звучни и лесни за употреба.
„Зборци“ најавуваат и програма за работа со деца преку зборообразување, како и караван низ Македонија посветен на богатството на говорите, дијалектите и архаизмите.



