Изложбата „Боите на слободата“, избор од колекцијата на Музејот на Македонија,ќе се отвори утре во 12 часот во историскиот музејски дел. Поставката содржи бројни историски предмети и документи, како и уметнички дела од Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ-Пемкин, Василије Поповиќ-Цицо и Јордан Грабуловски.
„Изложбата претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, стремежот кон слобода и процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет. Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па сè до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност. Посебно место имаат делата на повеќе генерации македонски творци – писатели, сликари, скулптори, актери, композитори и режисери – кои преку својот автентичен творечки ракопис оставиле траен белег во македонската културна меморија. ‘Боите на слободата’ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 – како три историски точки што ја одбележуваат борбата за слобода, државност и идентитет. Ова не е само изложба за историјата. Таа е сведоштво за тоа како уметноста ја памети, толкува и продолжува историјата“, се вели во кураторскоиопт текст.
Изложбата ја подготвија кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни лица од Музејот, а ќе ја отвори директорот Александар Ристевски заедно со дел од кураторскиот тим. Ќе трае два месеца, период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот.



