Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја обвини крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) дека ја поддржува Русија против интересите на Германија и дека се залага за антимиграциски политики што се еднакви на етничко чистење. Мерц се обрати пред германскиот парламент по убедливата победа на АфД на изборите во источната покраина Саксонија-Анхалт.
„Ако она што се заговара овде, а тоа е ремиграција, стане реалност, тоа нема да биде ништо друго освен синоним за етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата“, рече Мерц.
Тој смета дека цврстиот удар врз миграцијата би можел да ја уништи германската економија.
„Еден од шест работници во квалификуваните професии поседува странски пасош. Ако оние кои работат во Германија се принудени да ја напуштат земјата затоа што се залагате за ремиграција, тогаш квалификуваните професии во Германија повеќе нема да можат да функционираат. Тогаш ниту еден дом за стари лица нема да остане отворен и ниту една болница во Германија нема да продолжи да работи. Ниту еден ресторан не би можел да продолжи да работи. Тоа би бил резултатот на вашата имиграциска политика“, додаде Мерц.
Ремиграција е крајнодесничарски концепт што може да се движи од депортација на луѓе без правен статус до масовно отстранување на имигранти и нивните потомци. АфД посвети цело поглавје на имиграцијата и ремиграцијата во својата изборна програма за Саксонија-Анхалт, каде што освои 44% гласови, но не и мнозинство.
Нејзиниот водечки кандидат во Саксонија-Анхалт, Улрих Зигмунд, присуствувал на контроверзниот состанок во 2023 година, на кој партиски функционери и крајнодесничарски екстремисти разговарале за планови за ремиграција, вклучувајќи масовна депортација на неасимилирани германски граѓани, што предизвика национални протести.



