ШПАРКАСЕ ПОДНЕСЕ ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НАМЕРА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА СИТЕ АКЦИИ НА УНИ БАНКА, СО ШТО БИ ДОБИЛА 17 ОТСТО ОД МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР

    ШПАРКАСЕ ПОДНЕСЕ ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НАМЕРА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА СИТЕ АКЦИИ НА УНИ БАНКА, СО ШТО БИ ДОБИЛА 17 ОТСТО ОД МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАРШтаермеркише Шпаркасе е застапена во земјава од 2008 година, со моментална вкупна актива од речиси две милијарди евра. (архивска фотографија)

    Штаермеркише Шпаркасе Групацијата денеска официјално поднесе известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од Уни Банка АД Скопје, што претставува почетен чекор во процесот, соопштија од банката.

    Самата реализација на трансакцијата и понудата за преземање во претстојниот период подлежат на законски и регулаторни постапки, кои вклучуваат задолжително добивање претходни одобренија и согласности од надлежните институции во Северна Македонија, како и од соодветните меѓународни регулаторни тела. Од групацијата соопштуваат дека остануваат целосно посветени на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори, во согласност со важечките прописи и професионални стандарди.

    Претседателот на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Георг Бухер, вели дека како една од водечките банкарски групации во Европа имаат силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Бухер додава дека оваа објава ја потврдува нивната континуирана посветеност на пазарот и стратегијата за одржлив раст, со цел дополнително да го зајакнат присуството во Северна Македонија и да ја унапредат својата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, бизнис заедницата и економијата во целина.

    Штаермеркише Шпаркасе е застапена во земјава од 2008 година, со моментална вкупна актива од речиси две милијарди евра. По преземањето на Уни Банка, групацијата ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 отсто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира