25 ГОДИНИ ПО НАПАДИТЕ ВРЗ САД, АЛ КАЕДА ОСТАНУВА АКТИВНА И ИНСПИРАЦИЈА ЗА МИЛИТАНТИТЕ НИЗ СВЕТОТ

    25 ГОДИНИ ПО НАПАДИТЕ ВРЗ САД, АЛ КАЕДА ОСТАНУВА АКТИВНА И ИНСПИРАЦИЈА ЗА МИЛИТАНТИТЕ НИЗ СВЕТОТНападите од 11 септември 2001 беа извршени од 19 киднапери, при што загинаа речиси 3.000 луѓе (Фото: АП)

    Во 25-те години откако милитантите на Ал Каеда киднапираа патнички авиони и удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк и во Пентагон, групата основана од Осама бин Ладен создаде филијали и инспирираше напади низ целиот свет. И покрај убиството на Бин Ладен во 2011 и појавата на ривалската Исламска држава, експертите велат дека Ал Каеда сè уште служи како извор на поддршка и инспирација за милитантите во многу региони, особено во Африка.

    Ал Каеда се појави како транснационална џихадистичка мрежа кон крајот на 1980-тите под водство на Бин Ладен, богат милитант роден во Саудиска Арабија. Групата стана магнет за милитанти кои се стремеа да воспостават тврдокорна исламистичка власт и делеа непријателство кон САД, Израел и сојузниците на САД во регионот.

    На Бин Ладен му беше одземено саудиското државјанство во 1994 година и беше протеран од Судан во 1996, па најде засолниште во Авганистан.

    Тој почнал да организира напади врз американските интереси долго пред да пристигне во Авганистан. Првиот што го потврдија САД беше бомбашкиот напад на два хотела во Јемен во 1992. Во Авганистан, тој поддржуваше кампови за обука и формираше елитна бригада на странски борци.

    Во 1996 Бин Ладен прогласи џихад против американските сили и следеа бомбашките напади врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија, кога беа убиени 224 луѓе.

    Нападите од 11 септември 2001 беа извршени од 19 киднапери, од кои 15 од Саудиска Арабија. Тие киднапираа четири авиони, од кои еден се урна во поле во Пенсилванија, откако патниците упаднаа во пилотската кабина. Во нападите загинаа речиси 3.000 луѓе.

    САД го нападнаа Авганистан во октомври 2001, соборувајќи ги талибанците и протерувајќи ја Ал Каеда од нејзината база.

    Самопрогласениот организатор на нападите од 11 септември, Халид Шеик Мохамед, беше заробен во Пакистан во 2003. Во 2007 година, тој признал дека го испланирал нападот „од А до Ш“, според транскрипт од сослушување објавен од Пентагон.

    По убиствата на Бин Ладен во 2011 и неговиот наследник Ајман ал-Завахри во 2022, се верува дека денешниот лидер на Ал Каеда е египетскиот милитант Сеиф ал-Адел.

    Милитантите поврзани со Ал Каеда или инспирирани од нејзината идеологија извршија бројни напади во годините по 11 септември 2001. Во нападот врз ноќен клуб во Бали во 2002 загинаа 202 лица, во бомбашките напади во возови во Мадрид во 2004 загинаа повеќе од 190 лица, а 52 луѓе беа убиени во самоубиствените бомбашки напади во лондонското метро и во автобус во 2005.

    Ал Каеда денес останува активна на Блиски Исток, во Пакистан и во Африка. Сомалија и регионот Сахел се главните центри во Африка каде што групите поврзани со Ал Каеда го шират своето влијание и управуваат со територии.

    Во извештај на ОН објавен во февруари се вели дека „Ал Каеда продолжила да ужива покровителство на властите во Авганистан и дека нејзиниот апетит за надворешни операции останува ненамален“. Кабул негира дека Ал Каеда работи во Авганистан или дека дозволува милитантни напади врз Пакистан од нејзина територија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира