Додека официјалната мрежа за следење на аерозагадувањето во Соединетите Американски Држави постепено се распаѓа, хемиската индустрија води координирана кампања од држава во држава за законско ограничување на евтините сензори со кои граѓаните ги откриваат загадувачите, покажува истражувањето на непрофитната новинарска организација „Фладлајт“.
Законодавците во Луизијана, Кентаки и Охајо во последните две години усвоија слични закони со кои им се забранува на инспекциските служби да преземаат мерки врз основа на податоци што самостојно ги собрале локалните заедници. Според новите правила, регулаторите можат да постапуваат исклучиво доколку мерењата доаѓаат од опрема одобрена од Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА), која чини десетици илјади долари.
Корпорациите постојано тврдат дека граѓанскиот мониторинг не е доволно доверлив за водење инспекциски постапки.
Во Охајо ограничувањата за сензорите беа вметнати во законот за буџет, што предизвика тужба од група граѓани, меѓу кои е и Дона Балинџер од Мидлтаун. Нејзиниот дом се наоѓа во близина на челичарница од која често се шират честички и гасови од кои ја печат очите и грлото, па затоа поставила евтин мерен уред во својот двор стравувајќи од појава на рак. Со новите законски измени, отчитувањата од нејзиниот сензор повеќе не можат да послужат како доказ.
Граѓаните се принудени самите да поставуваат вакви мерни станици бидејќи јавната мрежа забрзано се намалува. Сојузните средства за поддршка на таа мрежа се намалени за над 35 проценти во последните две децении, а бројот на владини станици низ целата земја е речиси преполовен. Студија од 2025 година покажува дека приближно шест од десет американски окрузи воопшто немаат јавен мониторинг на воздухот. Преостанатата опрема е дотраена, па според извештај на надзорните служби на Конгресот од 2020 година, дел од станиците во една сојузна држава се оштетени од инсекти, додека во друга надлежните купувале стари резервни делови преку интернет-страницата „Ибеј“.
Истражувањето на „Фладлајт“ врз 100 големи индустриски капацитети во Кентаки, Луизијана, Охајо и Западна Вирџинија утврди дека кај 71 фабрика, хемикалијата што се испушта во најголем обем воопшто не се мери од ниту една државна станица. Во Луизијана, како центар на петрохемиската индустрија, јавните уреди се километри подалеку од загадувачите. Граѓанската организација Леан доби сојузен грант од 500 илјади долари за мониторинг на 27 критични точки, но постави апарати во само четири места пред администрацијата на Трамп минатата година да ги прекине парите, за што директорката Мерили Ор изјави дека претставувало целосен прекин на нивната работа.



