ПАРИТЕ ЗА ДИВИДЕНДАТА ОД 5.000 ДОЛАРИ НА ТРАМП ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ ОД ВИЗИ ЗА БОГАТИ, А НЕ ОД ДАНОЦИТЕ, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКИОТ СЕКРЕТАР ЗА ТРГОВИЈА ЛУТНИК

    ПАРИТЕ ЗА ДИВИДЕНДАТА ОД 5.000 ДОЛАРИ НА ТРАМП ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ ОД ВИЗИ ЗА БОГАТИ, А НЕ ОД ДАНОЦИТЕ, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКИОТ СЕКРЕТАР ЗА ТРГОВИЈА ЛУТНИКЛатник изјави дека дел од парите за дивидендата би можеле да се обезбедат преку нова програма на Министерството за трговија, според која од богати странски посетители би се наплаќало до пет милиони долари за продолжување на визите. (Фото: Бела куќа)

    Контроверзниот предлог на Доналд Трамп за исплата на дивиденда од 5.000 долари на секој полнолетен Американец доколку републиканците го задржат мнозинството во Конгресот по изборите во ноември, нема да се финансира од даночните приходи, соопшти американскиот секретар за трговија Хауард Латник.

    Во интервју за телевизијата „Ен-Би-Си“, Латник кажа дека не станува збор за пари од даноци и појасни дека администрацијата може да ги обезбеди средствата што Трамп планира да ги исплати без да создава дефицит и без тоа да биде на товар на даночните обврзници.

    За време на собирот на републиканците во Далас, Тексас, Трамп најави исплата на овие средства поради големата економска моќ и успех на државата. Тој ја спореди исплатата со еднократната дивиденда од 1.776 долари ослободена од данок за војниците, што минатата година беше одобрена за околу 1,45 милиони американски воени лица. Според Трамп, предложената дивиденда, која би можела да чини и до еден трилион долари доколку им се исплати на сите полнолетни граѓани, делумно би се финансирала од приливот од царините. Тој наведе дека доколку победат републиканците, граѓаните ќе добијат 5.000 долари преку мерката што ја нарече Трампова дивиденда.

    Ваквиот предлог се соочи со низа критики во јавноста, особено поради фактот што американскиот национален долг неодамна надмина 40 трилиони долари. За споредба, во 2008 година долгот изнесуваше 10 трилиони долари, што претставува зголемување за речиси 300 проценти за период од 18 години.

    Латник изјави дека дел од парите за дивидендата би можеле да се обезбедат преку нова програма на Министерството за трговија, според која од богати странски посетители би се наплаќало до пет милиони долари за продолжување на визите. Тој пресмета дека со тоа би можеле да се соберат 500 милијарди долари, со оглед на тоа што веќе постои листа на чекање со повеќе од 100.000 луѓе. Како дополнителен извор, секретарот ја спомена и владината инвестиција од 8,9 милијарди долари во производителот на чипови Интел, чија вредност на берзата во меѓувреме пораснала од 20 на 100 долари по акција.

    Со овие коментари Латник им се придружи на другите владини претставници кои изнесуваат предлози за тоа од каде би дошле чековите од 5.000 долари. Директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет, за телевизијата Блумберг изјави дека Белата куќа разгледува законска постапка за буџетско усогласување во Конгресот за да ја финансира програмата. Според Хасет, планот може да се реализира на фискално одговорен начин, дополнувајќи дека има повеќе начини да се спроведе оваа иницијатива и дека претседателот Трамп не треба да се потценува.

    Предлогот за дивиденда од 5.000 долари доаѓа во време кога анкетата на Асошиејтед прес покажува пад на довербата во економските политики на американскиот претседател. Според истражувањето, само 32 проценти од полнолетните американски граѓани го одобруваат начинот на кој Трамп управува со економијата, што е пад во споредба со 40 проценти на почетокот од неговиот втор мандат.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира