Сопругата на Доналд Трамп Џуниор, Бетина Трамп, потврди дека нивната мајска свадба делумно ја платил руски олигарх близок на Владимир Путин. Во објава на Инстаграм се вели дека Умар Кремлев делумно финансирал две ноќи од нивните тридневни свадбени прослави на приватен остров на Бахами.
Соопштението беше објавено откако истражувачкиот медиум „ПроПублика“ објави сторија во која детално се вели дека Кремлев платил стотици илјади долари за прославата.
Најстариот син на Трамп нема владина функција, па не е нелегално да прифаќа подароци од странски државјанин.
„Нашиот драг пријател Умар многу великодушно ни организираше две неверојатни ноќи на прослави по нашата свадба. Тоа беше извонредно дарежлив свадбен подарок од пријател и нешто за кое остануваме неверојатно благодарни“, се вели во соопштението на двојката.
Но, групите за етички надзор сметаат дека има конфликт на интереси ако синот на претседателот прифаќа раскошни подароци од некој поврзан со странски шеф на држава, дури и ако тој не е вработен во американската влада.
„Луѓето не даваат стотици илјади долари на случаен познаник без да сакаат нешто. И претседателот, кој е милијардер, и неговиот син, чие богатство се проценува на 300 милиони долари, можеле да платат за целата свадба за да избегнат конфликт на интереси“, рече Џордан Либовиц, потпретседател за комуникации во групата „Граѓани за одговорност и етика“ од Вашингтон.
Според статијата на „ПроПублика“, двојката се венчала на приватен остров на Бахами, а потоа имала дводневна прослава на друг остров кој се изнајмува за приближно 100.000 долари од ноќ. Кремлев платил и други трошоци за забавата, вклучително и огномет од околу 70.000 долари, се наведува во извештајот.
Порано оваа година, Кремлев беше дел од руската делегација која ја посети Кина со Путин. Рускиот претседател му додели Орден за пријателство на Кремлев, највисокото државно одликување, според „ПроПублика“.
Портпаролот на Трамп Џуниор изјави дека тој и Кремлев биле лични пријатели и немале деловни односи.



