ТАВ Македонија ја укина одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило во зоната за кратко запирање „Хаг енд флај“ на Меѓународниот аеродром Скопје беше ограничен на само еден влез во период од 24 часа.
Овој потег на аеродромскиот концесионер доаѓа по интервенцијата на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата. Антимонополското тело, во рамки на своите анализи за режимот и правилата за користење на оваа зона, побара од ТАВ Македонија дополнителни објаснувања и податоци околу воведената рестрикција за граѓаните.
По добиеното барање, ТАВ Македонија ги извести надлежните дека спорната одлука е повлечена. Од Комисијата соопштија дека го поздравуваат ваквиот чекор на компанијата и најавија оти ќе продолжат со редовно следење на состојбите и режимот за пристап до аеродромската инфраструктура, со цел да се обезбедат еднакви и недискриминаторски правила за сите корисници и учесници на пазарот.
Од регулаторното тело додаваат дека остануваат посветени на заштитата на пазарната конкуренција и дека ќе постапуваат во согласност со законските овластувања секогаш кога одредени мерки или услови можат да влијаат врз пазарот и врз интересите на јавноста.



