НАМЕСТО ВО СЕПТЕМВРИ, ВО ОКТОМВРИ ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ ПРОСТОРИИТЕ НА ЏЕЗ ОРКЕСТАРОТ ПОД ОПЕРАТА

    НАМЕСТО ВО СЕПТЕМВРИ, ВО ОКТОМВРИ ЌЕ БИДАТ ГОТОВИ ПРОСТОРИИТЕ НА ЏЕЗ ОРКЕСТАРОТ ПОД ОПЕРАТАОсновниот проект за реновирање и уредување на овие простории кај НОБ е изработен во 2023. - Од почетокот на втората фаза во мај. (Фото: К. Попов)

    Наместо во септември, на крајот на октомври треба да бидат готови просториите на Националниот џез оркестар (НЏО), кои се наоѓаат под објектот на Националната опера и балет (НОБ), вели Министерството за култура и туризам. Станува збор за современ и функционален простор од околу 500 квадратни метри, каде што ќе има голема сала за вежбање на Оркестарот, која ќе биде поврзана со тонско студио, гардероби, канцеларии и други помошни простории.

    Претходниот министер за култура Зоран Љутков и директорот на Оркестарот, Гоце Стевковски, на 27 мај го посетија просторот кој се реновира и најавија дека работите ќе бидат завршени во септември. На прес-конференцијата на 14 септември за новата сезона и гостувањата, Стевковски рече дека прашањето за добивањето на сопствен простор треба да се упати до Министерството за култура, бидејќи тие располагаат со просториите и го контролираат процесот на реализација.

    Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека реновирањето и опремувањето на просториите на Националниот џез оркестар се во завршна фаза.

    „За реализацијата на проектот, Министерството за култура и туризам обезбеди средства за реновирање и опремување на просторот, со цел оркестарот да добие соодветни услови за работа и проби. Работите, кои согласно првичната динамика беше предвидено да завршат во септември, се во завршна фаза. Се очекува реновирањето да биде комплетно завршено до крајот на октомври. Министерството за култура и туризам останува посветено на создавањето соодветни услови за работа на Националниот џез оркестар. Обезбедувањето сопствени простории за проби и работа претставува значаен чекор за институцијата и за понатамошниот развој на оркестарот. Кога музичарите имаат свој простор за проби, соодветни услови и стабилна инфраструктура, многу е полесно да работат со полна пареа, да ја развиваат својата програма и да создаваат нови уметнички проекти“, велат од Министерството.

    Основниот проект за реновирање и уредување на овие простории е изработен во 2023 од „Мегарон-инженеринг“. Првата фаза е реализирана во согласност со договорот помеѓу Владата, „ТАВ Македонија“, „Тав Тепе Акфен“ и Министерството за култура и туризам и е во вредност од 10 милиони денари (над 160.000 евра).

    Џез оркестарот е основан со одлука на Владата во март 2023, на иницијатива на Здружението на џез музичари и слободни уметници. Националниот џез оркестар во март 2024 го доби просторот под Националната опера и балет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира