„БРАЌА МАНАКИ“ Е МЕСТО КАДЕ МЛАДИТЕ КИНЕМАТОГРАФЕРИ ЈА ГРАДАТ СВОЈАТА ИДНИНА, РЕЧЕ ЛАУРЕАТОТ КРОНЕНВЕТ НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ

    „БРАЌА МАНАКИ“ Е МЕСТО КАДЕ МЛАДИТЕ КИНЕМАТОГРАФЕРИ ЈА ГРАДАТ СВОЈАТА ИДНИНА, РЕЧЕ ЛАУРЕАТОТ КРОНЕНВЕТ НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕНаградата на Кроненвет му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Кроненвет е долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер. (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Со музички перформанс под диригентство на Џијан Емин и настап на „БитВокс“, доделување на награди и проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, во Битола синоќа почна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

    „Пред повеќе од 100 години, кога за првпат се појави камерата, се родила и желбата да се снима животот. Сѐ со една цел: да се сочуваат спомените. Тоа до денес нѐ тера да го снимаме она пред нас. Сите вие овде учествувате директно во градење, чување и негување на оваа традиција, на овој фестивал, ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи“, рече директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски.

    Директорот Доксевски со сопругата д-р Милена Богојевска-Доксевска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, со сопругата. (Фото: Кабинет на претседателката на РСМ)

    Претседателката на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), Марија Димитрова, му ја додели наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на актерот Петар Арсовски.

    „Ова е признание од луѓето со кои повеќе од 50 години ‘војувам’ пред филмската камера и сме поминале заедно и сито и решето. Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да ја создаваме македонската кинематографија“, рече Арсовски.

    Јануш Камински, добитникот на Златна камера 300 за животно дело во 2020, допатува во Битола и ја поздрави публиката во салата на Центарот за култура.

    „Оваа награда веќе стои кај мене дома, заедно со останатите награди кои сум ги добил. Прекрасна рачна изработка и многу сум среќен и ви благодарам прекрасни луѓе“, рече Камински.

    Петар Арсовски и Марија Димитрова. (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Џеф Кроненвет е годинашниот добитник на наградата Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската уметност. Американскиот кинематографер е долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на филмовите „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“.

    „Фестивалот ‘Браќа Манаки’ има посебно место во филмскиот свет бидејќи ја слави работата на кинематограферите, на луѓето зад камерата. Тој ја претставува работата на следната генерација кинематографери. Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал, место каде што ќе можат да креираат контакти, пријателства и размена на искуства. Кога бев млад, учев од моите постари колеги гледајќи ги нивите филмови. Се надевам дека сега јас возвраќам со тоа што им помагам на помладите колеги. Фестивалот ‘Браќа Манаки’ ја одржува оваа традиција жива и ги поврзува генерациите во време кога технологијата ги менува начините на работа“, рече Кроненвет.

    Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

    Дан Лаустсен со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Дан Лаустсен е добитник на Специјалната Златна камера 300 за животно дело, а му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

    „Во 1969 година ја купив првата камера, подоцна патував низ светот целиот мој живот и мислам дека оваа уметност која ја правиме снимајќи филмови е мошне респектабилна“, рече Лаустсен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира