ДАРКО МИТРЕВСКИ САКА ДА СНИМИ СПИН-ОФ НА „БАЛ-КАН-КАН“, СО САШКО КОЦЕВ, ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ И ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА

    ДАРКО МИТРЕВСКИ САКА ДА СНИМИ СПИН-ОФ НА „БАЛ-КАН-КАН“, СО САШКО КОЦЕВ, ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ И ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВАМитревски и Коцев најавија дека ја продолжуваат соработката после „Трето полувреме“. (Фото: К. Попов)

    Режисерот Дарко Митревски најави дека сака да снима спин-оф на неговиот филм „Бал-кан-кан“ од 2005, најгледната македонска црна комедија. Митревски, чиј втор филм е „Трето полувреме“ од 2012,  14 години живее во САД, а оваа недела е во Скопје и Битола, каде ќе одржи мастерклас на Интернационалиот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“.

    На денешната средба во Скопје со новинари и инфлуенсери, Митревски откри дека напишал сценарио, дека за главните улоги ги планира Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова. Се работи на подготовки на буџетот, на екипирање на тимот, па допрвин ќе аплицираат за пари, продукција и спонзори. Митревски најави дека станува збор за љубовна, еротска, црна комедија која се случува во денешно време во Македонија со тажен крај и многу смеа и солзи.

    Коцев глумеше во „Трето полувреме“, а Михајловски во „Бал-кан-кан“.

    „Одамна ме нема. И како секогаш кога ќе дојдеш во нова средина, ред е да се претставиш, да кажеш кој си, што си, што си работел, да се запознаеш со тие новите, да се запознаеш со тие што ќе ти бидат публика и да се претставиш пред нив“, рече Митревски.

    Тој најави дека филмот ќе биде за двајца луѓе коишто се на дното на општеството, коишто не се присутни во физичката реалност наша, бидејќи никој не ги забележува, коишто се на работ на егзистенцијата и коишто се сакаат.

    „Единствен начин за бегство од дното е да бидат успешни, не во оваа реалност која живееме, туку во лажната реалност којашто исто така ја живееме, а тоа се вика социјални медиуми. Луѓе коишто по грешка, по случајност стануваат светски познати. И колку што повеќе загледуваат во славата, толку повеќе пропаѓаат во животот. Бидејќи реалноста која ја живееме е лажна. Реалноста на ТикТок, на Фејсбук, Инстаграм на сѐ она што ни се случува во изминатите 15 години, тоа е лажна реалност. Ние не сме овде присутни да се да се допреме, да си кажеме. Ние живееме на месинџер, на вибер, во еден свет којшто е дигитален, од нули и единици се состои. На тоа е посветена приказната, и е цинична и е смешна. Но, во суштина не е комедија, тоа е еден горчлив коментар на нашите животи во моментов“, кажа Митревски.

    Насловот сѐ уште е работен, но ќе биде инспириран од еден познат македонски шлагер.

    „Сакам да направам филм кој ќе биде пресликување на оваа Македонија денешна, којашто јас ја гледам онака како што јас ја гледам, бидејќи јас не живеам во неа, но онака како што јас ја доживувам“, додаде Митревски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира