Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи при Државниот пазарен инспекторат работи со критичен недостиг на кадар, а лабораториските испитувања за исправноста на стоките на домашниот пазар речиси целосно се потпираат на странска помош, утврди Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година. Според извештајот за работењето на инспекторатот, од предвидените 14 работни места во ова одделение, заклучно со крајот на 2024 година биле пополнети само пет позиции, што претставува системска слабост во системот за заштита на потрошувачите.
Во периодот од 2022 до 2025 година, од продажба биле повлечени 40 производи по спроведени лабораториски анализи за проверка на квалитетот и безбедноста на материјалите. Овие детални проверки биле изведувани во акредитирани лаборатории надвор од земјава, но трошоците за нив не биле покриени од државниот буџет, туку преку меѓународна проектна поддршка.
Финансиските средства за земање примероци и лабораториски тестирања биле обезбедени преку проектот на германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ ЕУ4 бизнис, кој се спроведуваше до 2025 година, како и преку проектот Регио трејд со времетраење до 2028 година. Дополнително, преку помошта од ЦЕФТА била овозможена електронска врска со информатичкиот систем за размена на податоци за опасни и небезбедни производи меѓу земјите членки.
Државните ревизори предупредуваат дека постои сериозна неизвесност за иднината на овие контроли откако ќе заврши странското проектно финансирање. Причина за тоа се ограничените буџетски средства на Државниот пазарен инспекторат, кој нема сопствени пари за континуирано плаќање на анализите во странски лаборатории. Поради овие ризици, ревизијата упатува на итна потреба од обезбедување услови и пари за непречено и постојано вршење на безбедносните контроли на производите.



