Судијата за извршување санкции од Основниот суд (ОС) Гостивар испратил допис до МВР дека судот ја повлекува меѓународната потерница против избеганиот Ремзи Мифтари, кој пред да ја укине правосилната пресуда Врховниот суд и предметот го врати во Апелациониот суд Скопје, беше осуден на 10 години затвор.
„По одлуката на Врховниот суд, сите осудени, односно сега обвинети за катастрофалната сообраќајна несреќа на автобусот на ‘Дурмо турс’ во 2019 година, се слободни како птици. Слободен е и обвинетиот Ремзи Мифтари. Тој е во бегство, но Основниот суд Гостивар согласно укинатата пресуда од Врховен, ја повлече потерницата по него и за тоа го извести МВР“, ни рекоа во ОС Гостивар.
Но, од МВР ни рекоа дека потерницата е се уште активна.
„МВР нема добиено официјално известување од надлежниот суд кој ја распишал потерницата за нејзино повлекување“, ни одговорија од Министерството.
На 10 септември Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија во состав на: претседателот на Судот Африм Фидани, известителот на предметот Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска, ја укина пресудата за виновните во предметот за тешката трагедија кај Ласкарци со многу загинати и повредени и предметот го врати на повторно одлучување во Апелациониот суд Скопје.
До правдата за оваа тешка сообраќајна несреќа која се случи во февруари 2019 година кога поради човечки фактор се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ и загинаа 16 патници, а 30 беа повредени, се дојде многу тешко. „Дурмо турс“ беше спонзор на тогашната владејачка ДУИ. Ужалените родители и роднини на загинатите, како и самите повредени, како да беа виктимизирани одново и одново, зашто судијката Дијана Груевска-Илиевска судењето го водеше многу бавно, а кога дојдоа на ред вештачењата, таа побара супервештачење кое дополнително го забави процесот.
Таа изрече ниски казни затвор, па затоа по жалба на обвинителот Дарко Јакимовски, на 8 мај 2025 година Скопска апелација им ги зголеми дупло казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.
Јане Боваровски остана со 5 години, а возачот Маноил Трифуновски со 14 години казна затвор.
Сега одново Апелација ќе заседава за предметот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



