Самостојната изложба на слики од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ вчера беше отворена во во просториите на „Руски стопански универзитет“ во Москва како дел од фестивалот „Арт – Балкан 2017“ преку кој се доближува културата на балканските народи до руската публика.
Во следните десет дена, руската публика ќе има можност да се запознае со сликите на 35-те домашни и меѓународни автори кои учествувале на оваа наша позната ликовна колонија, која веќе една деценија секое лето се организира во ресторанот „Виа Игнација”, во живописното Вевчани.
Досега, Колонијата беше домаќин на голем број еминентни ликовни уметници, меѓу кои се издвојуваат академик Глигор Чемерски, академик Васко Ташковски, Трајче Јанчевски, Илија Кафкалески, Стеван Поповски, Павле Кузманоски, Таки Павловски, Доне Миљановски, Данчо Ордев, Ниче Василев, Петар Попчев, Владимир Темков, како и Решат Амети.
Изминатите години, со слики од Колонијата беа организирани поголем број изложби, меѓу кои во Подгорица, Софија, Њујорк и во Скопје.