СПЕКТАКЛОТ „ПИКСЕЛ“ ЈА ДОНЕСЕ ИДНИНАТА НА ТАНЦФЕСТ

    СПЕКТАКЛОТ „ПИКСЕЛ“ ЈА ДОНЕСЕ ИДНИНАТА НА ТАНЦФЕСТ„Пиксел“ на прочуениот француски кореограф Мурат Мерзуки е исклучително дело создадено од танц заснован на брејкденс и хип-хоп елементи, со спектакуларни компјутерски видеоефекти кои создаваат цел нов футуристички свет (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Пиксел“, спектакуларниот балетски перформанс на прочуениот француски кореограф  Мурат Мерзуки го отвори синоќа 13. издание на Танцфест, што ќе трае дваесет дена на сцени во Скопје и Велес.

    „Пиксел“ на Националниот кореографски центар Кретеј-Вал де Марн и танчарската група „Кефиг“ е исклучително дело создадено од танц заснован на брејкденс и хип-хоп елементи, со спектакуларни компјутерски видеоефекти кои создаваат цел нов футуристички свет. 11-мината танчари и акробати со невидена леснотија речиси непрекинато ја изведуваат кореографијата што ги раскршува брејкденс елементите до најситни детали и создава нов танц полн со енергија и оптимизам. Технолошки напредните ефекти извонредно го надополнуваат танцот и се органски дел од претставата.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скопската публика со стоечки овации ја поздрави трупата, а кореографот Мерзуки на крај направи групен самослик.

    (Фото: Ѓ Личовски)

    На отварањето на Танцфест беше доделена и годинашната награда Менада за животно дело на Јагода Сланева, примабалерина во пензија, која го носеше железниот репертоар на класичната балетска уметност во Македонија, а сега е педагог, репетитор и кореограф во Македонскиот народен театар.

    „Танцфест во Македонија доби во културата врвно место во 13-те години постоење, благодарејќи на неговата директорка Рисима Рисимкин, на разновидниот репертоар, на сето она што е ново, така што овој фестивал е веќе познат и за него има интерес и во Европа, Затоа, кога дознав дека сум добитник на наградата Менад“, за мене тоа беше голема радост и голема чест, зашто Танцфест, кој овде го носи новото, им ја доделува на луѓе кои се занимавале со балетската уметност“, рече Сланева.

    Примабалерината во пензија Јагода Сланева доби Менада за животно дело

    Годинашниот Танцфест ќе трае до 25 април и ќе се одржува во Скопје и Велес под мотото „Биди свој!“. Во програма е и Интернационалниот натпревар за млади кореографи Танцлаб. Првата полуфинална вечер на натпреварот ќе се одржи утре, во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ во Велес. На 8 април ќе се одржи гала-вечер на која ќе бидат прикажани петте финалисти избрани од стручното жири.

    (Фото: Ѓ Личовски)

    Вечерта ќе биде изведена и најновата премиера на Скопје танцовиот театар – „Патот“ во кореографија на Антон Рудаков од Германија, добитник на „Златна пеперутка“ за најдобра кореографија на Танцлаб во 2015.

    На 10 април во Македонскиот народен театар ќе игра „Од Цирих со љубов!“ на Универзитетот за убави уметности, од Цирих, Швајцарија, со повеќе кореографии меѓу кои и на Адријана Данчевска од Скопје танцов театар, како и на Рено Вајсер, Емануел Сови и на врвниот кореограф од Израел Барак Маршал. На 12 април во МНТ е премиерата на „Кожа“, во кореографија на Матеа Киселичка, Адријана Данчевска и Рисима Рисимкин. На 20 април во МНТ ќе игра „Р.Е.М.“ на Најн современиот танцов театар од Пекинг. Фестивалот ќе заврши на 25 април во Велешкиот театар со „Колевка“, копродукција на повеќе европски фестивали и Кина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира