Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Мадрид за да го побараат правото на домување и да протестираат против присилните иселувања. Во центарот на вниманието на демонстрациите беше случајот на 87-годишна жена која беше принудена да го напушти домот во кој живеела 70 години. Демонстрантите маршираа под слоганот „Ниту една Марикармен повеќе“, алудирајќи на пензионерката чиј случај привлече големо внимание во Шпанија.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, на протестот присуствувале околу 25.000 луѓе, додека организаторите од синдикатот на станари тврдат дека учествувале дури 300.000 луѓе.
Марикармен се вселила во станот во мадридската населба Ретиро заедно со своите родители во 1956 година, а подоцна го презела договорот за закуп. Откако зградата била продадена на компанија за недвижности, од неа било побарано да се исели бидејќи нејзиниот долгогодишен договор за закуп бил раскинат. По неколку неуспешни обиди за иселување, таа била отстранета од станот на 23 септември, а подоцна пренесена во болница.
„Не успеав да го одбранам својот дом, но се борев за другите да научат да се борат за своите“, рече Марикармен во пораката дистрибуирана од синдикатот на станари. „Ве молам, продолжете да се борите“, изјави таа за јавниот сервис РТВЕ. Пензионерката има потешкотии во движењето и попреченост. Таа најави дека има намера да продолжи со застапувањето на правото на домување.
По маршот, демонстрантите поставија десетици шатори на плоштадот Пуерта дел Сол во Мадрид, а стотици од нив се подготвуваа таму да ја поминат ноќта. Демонстрантите ја обвинија како централната влада на левичарскиот премиер Педро Санчез, така и конзервативните регионални влади за станбената криза. Тие бараат подобра заштита од присилни иселувања, замрзнување на кириите и реформи во законот за закуп. Слични демонстрации се одржаа и во 11 други шпански градови.
Во меѓувреме, владата работи на усвојување нова уредба за домување на седницата на 29 септември, која вклучува мерки против присилните иселувања. Уредбата би стапила на сила веднаш, но ќе бара одобрување од парламентот во рок од 30 дена. Владата сè уште преговара со неколку страни за да го обезбеди потребното мнозинство.



