ДВЕ ПАРАЛЕЛКИ ПРВАЧИЊА СЕ СПОЕНИ ВО ЕДНА СО 36 ДЕЦА ЗА ЦЕЛОДНEВНА НАСТАВА ВО ШКОЛОТО ВО ХРОМ, ОД ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ВЕЛАТ ДЕКА СÈ Е ПО ЗАКОН

    ДВЕ ПАРАЛЕЛКИ ПРВАЧИЊА СЕ СПОЕНИ ВО ЕДНА СО 36 ДЕЦА ЗА ЦЕЛОДНEВНА НАСТАВА ВО ШКОЛОТО ВО ХРОМ, ОД ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ВЕЛАТ ДЕКА СÈ Е ПО ЗАКОНРодителите прашуваат зошто се споени токму овие две паралелки во една со 36 првачиња, иако родителите навреме пријавиле целодневна настава и законскиот максимум е 30 ученици? (Фото: СДК.МК)

    Две паралелки од трите од прво одделение во основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во скопската населба Хром се споени во една паралелка за целодневна настава. Родители на децата од 1-г и 1-д одделение на алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК Пријави проблем објаснуваат дека поради немање наставен кадар, нивните деца по завршување на редовната настава се споени во една паралелка од 36 учeници за кои е задолжена една наставничка. Според родителите, овие две паралелки не се со целодневна настава туку класична настава со дневен престој.

    „Во мај кога ги запишувавме децата во училиште пријавивме дека ќе посетуваат целодневна настава. Но, иако од училиштето знаеле колку првачиња ќе има годинава, не е обезбеден наставен кадар и сега две парaлелки се споени во една. По кој критириум баш овие две парaлeлки се споени во една од 36 ученици? Согласно член 53 став 4 од Законот за основно образование, бројот на ученици во една паралелка треба да биде од 20 до 30 деца. Во нашето училиште паралелката е составена од 36 ученици, што претставува директно кршење на оваа законска одредба. Сметаме дека еден наставник е недоволен за ефикасно и безбедно изведување на работата со група од 36 ученици. Ова е особено критично за учениците од прво одделение на кои им е потребен зголемен надзор и индивидуална поддршка во адаптацијата кон училишната средина“, велат родителите на првачиња од основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“.

    Родителите се сомневаат дека кој фатил врски за во целодневна настава си завршил работа за своето дете, а другите деца секој ден си ги носат столчињата и ранците од една во друга училница.

    Родителите за овој проблем испратиле писмо до директорката на училиштето, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски и Секторот за образование на Општината, како и до Министерството за образование. Бараат под итно да се обезбеди наставен кадар и децата од двете паралелки како што се распределени за редовна настава да посетуваат посебно и целодневна.

    Од Општина Ѓорче Петров на нашите прашања ни одговорија дека бројот на 36 деца во целоднавна настава не е спротивен на законот, бидејќи никаде во законот не стои колку деца треба да бидат во целодневна настава, и оти во меѓувреме бројот на деца се намалил на 34.

    „Членот 53 кои го наведуваат родителите се однесува на бројот на ученици во одделението, но не и за продолжениот престој, каде бројот на деца не е законски определен. По проверка на состојбата во одделението утврдено е дека бројката на деца не е 36 туку 34, со тенденцијата дека бројката на деца со целодневна настава ќе опаѓа во наредниот период“, велат од Секторот за образование на Општина Ѓорче Петров.

    На нашето прашање по кој критериум токму овие две парелелки се споени во една, ни одговорија дека во нив имало помалку ученици.

    Од Министерството за образование ни одговорија дека ова прашање е во надлежност на училишното раководство и Општината во која припаѓа училиштето. Од Министерството ни го испратија одговорот кој Општината го дала на родителите, кој е ист со одговорот кој го добивме ние од Секторот за образование на Општина Ѓорче Петров.

    Во Хром владее вистински хаос со запишувањето на децата во училиште, но и во градинка бидејќи изминатите 15 години ликот на населбата е целосно сменат со тоа што секоја куќа стана зграда. Населбата нема инфраструктурни капацитети да прифати толкаво зголемување на бројот на жители. Училиштето во Хром кое беше изградено пред 15 година на мала парцела е можеби единствено школо во земјава кое нема школски двор, од улица се влегува на пешачка патека која води во училишната зграда.

    Но, и покрај ваквата состојба Општината издава нови градежни дозволи и постојано во Хром почнува да се гради нова зграда.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира