ВО СТРАЗБУР ПАДНА И ЛУСТРАЦИЈАТА НА ПЕТАР КАРАЈАНОВ

    ВО СТРАЗБУР ПАДНА И ЛУСТРАЦИЈАТА НА ПЕТАР КАРАЈАНОВЕвропскиот суд за човекови права во Стразбур ја усвои жалбата на Петар Карајанов, кој во 2013 беше прогласен за соработник на македонските безбедносни служби, иако тврдеше дека постои друго лице со ист идентитет

    Македонија го изгуби и вториот лустрациски случај пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. Судот ја усвои жалбата на Петар Карајанов, кој во 2013 беше прогласен за соработник на македонските безбедносни служби, иако тврдеше дека постои друго лице со ист идентитет. Македонската држава е задолжена да му плати 4.500 евра за надомест на штета, како и 1.000 евра за трошоци.

    Ова е втор случај во кој македонски граѓанин издвојува правна битка против Македонија,откако лани морална и парична сатисфакција доби и поранешниот претседател на Уставниот суд,Трендафил Ивановски.

    Одлуката на ЕСЧП за Карајанов е објавена денес, потврди за Макфакс Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред судот во Стразбур.

    „Утврдена е повреда во делот на фер постапка, бидејќи Управниот суд не спровел усен распит и недоволно биле образложени аргументите на Судот, зошто не ги прифатил контрааргументите на тужителот, туку само на Комисијaта за верификација на факти“, изјави Богданов. Тој вели дека e пронајдена повреда и во член 8 од Европската Конвенција (право на приватност), бидејќи решението на Лустрациската комисија е објавено на нивната веб страница пред да заврши.
    Карајанив за Макфакс изјави дека власта се пресметала со него, поради тоа што бил еден од подносителите на иницијативата до Уставниот суд, со кој се бара оценка на уставноста и законитоста на контроверзниот закон, како и поради неговиот активизам во Сојузот на борци и борбата против негирањето на НОБ.

    Во регистарот на Комисијата за верификација на факти Петар Карајанов е заведен под број 59. Тој е лустриран на 27 мај, 2013, а на 12 јуни, 2014 решението стана конечно, откако претходно ја изгуби правната битка пред Управниот суд и Вишиот управен суд. Карајанов тврдеше дека постои лице со друг идентитет и дека многу податоци кои се наведуваат се неточни, почнувајќи од датумот на неговото раѓање. Сепак, Комисијата не ги прифати ваквите аргументи и одлучи дека тој во текот на 1962 и 1963 соработувал со службите за безбедност.

    „Ако се утврди дека постои уште еден Петар Карајанов, ние ќе го лустрираме него, доколку подлегнува на законски одредби. Ако не, ќе му се извиниме“, изјавија тогаш од Лустрациската комисија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира