ГРЦИЈА ЌЕ Ѝ ГИ ПРЕДАДЕ НА БУГАРИЈА ОСТАНКИТЕ НА ЦАР САМОИЛ, В САБОТА ЌЕ ИМА ОФИЦИЈАЛНА ЦЕРЕМОНИЈА ВО СОФИЈА

    ГРЦИЈА ЌЕ Ѝ ГИ ПРЕДАДЕ НА БУГАРИЈА ОСТАНКИТЕ НА ЦАР САМОИЛ, В САБОТА ЌЕ ИМА ОФИЦИЈАЛНА ЦЕРЕМОНИЈА ВО СОФИЈАОстанките беа откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на остров во Малото Преспанско Езеро, каде што беа пронајдени четири гроба поврзани со Самоиловата династија. (Фото: Т. Панковски)

    Посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самоил ќе ѝ бидат предадени на Бугарија од страна на Грција до крајот на оваа недела, а в сабота, на 3 октомври, ќе бидат пречекани со официјална церемонија во Софија, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев на почетокот на денешната владина седница.

    Радев кажа дека е постигнат историски договор, резултат на интензивни преговори меѓу Софија и Атина.

    Останките од Грција ќе бидат транспортирани со воен авион, по што ќе бидат положени во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“. Договорот меѓу двете земји предвидува и реципрочно предавање за чување на историски, религиозни и културни артефакти и реликвии.

    За предавањето на останките беше потребна согласност од грчките институции, меѓу кои и од Грчката православна црква, со што постапката се приведува кон крај речиси пет години по нејзиното започнување.

    Прашањето за предавање на останките на цар Самоил беше покренато во 2022 година од тогашниот бугарски премиер Кирил Петков и вицепремиерот Асен Василев.

    Останките беа откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на остров во Малото Преспанско Езеро, каде што беа пронајдени четири гроба поврзани со Самоиловата династија.

    Според историските извори, Самоил починал од срцев удар на 6 октомври 1014 година, два месеци по тешкиот пораз што го претрпел во битката кај Беласица против Византија. Точното место каде починал и понатаму останува предмет на несогласување меѓу историчарите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира