ПИЛОТ ИЗБОЛ СО НОЖ ДРУГ ПИЛОТ ВО АВИОНОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ ШТО ПРИНУДНО СЛЕТА ВО САУДИСКА АРАБИЈА, СЕ ИСТРАЖУВА ДАЛИ САКАЛ ДА ГО УРНЕ

    ПИЛОТ ИЗБОЛ СО НОЖ ДРУГ ПИЛОТ ВО АВИОНОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ ШТО ПРИНУДНО СЛЕТА ВО САУДИСКА АРАБИЈА, СЕ ИСТРАЖУВА ДАЛИ САКАЛ ДА ГО УРНЕАвионот што летал од Дубаи кон Израел бил пренасочен кон Саудиска Арабија откако биле испратени сигнали за тревога (Фото: ДПА)

    Израелските власти истражуваат дали еден од пилотите на авионот на „Флајдубаи“, што денеска принудно слета во Саудиска Арабија, се обидел да го урне авионот додека летал кон Тел Авив, објавија израелските медиуми. Ова досега не е официјално потврдено.

    Сепак, еден висок израелски функционер изјави дека била спречена голема катастрофа.

    Авионот што летал од Дубаи кон Израел бил пренасочен кон Саудиска Арабија откако од јорданскиот воздушен простор биле испратени сигнали за тревога по тепачка помеѓу пилотите, изјави еден израелски функционер. Од „боинг 737“, во кој имало околу 150 патници, прво бил испратен сигнал за општа итна состојба, а неколку минути подоцна и втор сигнал што укажувал на можно незаконско мешање, според податоците од веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“.

    Податоците од авионот покажуваат дека тој ненадејно се спуштил за речиси 4.200 метри за помалку од 30 секунди пред првиот сигнал за вонредна состојба, соопшти „Флајтрадар24“.

    Јасмин Абу Касис изјави дека нејзината ќерка Миријам, која била меѓу патниците, ѝ кажала оти слушнала вресоци, дека маж со нож во раката го принудил еден од пилотите да легне на подот и дека насекаде имало крв.

    Друг патник кажа дека еден пилот бил избоден од друг и дека патниците од предниот дел на авионот помогнале напаѓачот да биде отстранет од пилотската кабина.

    Сигналите за вонредна состојба предизвикале голема безбедносна реакција во Израел, кој нема официјални дипломатски односи со Саудиска Арабија, каде што слета авионот. Израелските власти првично го третирале инцидентот како потенцијално киднапирање, поради што кренале и борбени авиони, но подоцна утврдиле дека предупредувањето очигледно било предизвикано од насилство помеѓу пилотите во пилотската кабина.

    „Авион на ‘Флајдубаи‘ доживеа инцидент на пат кон Тел Авив и беше пренасочен кон Табук, каде што безбедно слета. Сите патници се живи и здрави“, изјави портпаролот на авиокомпанијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира