Во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој има капацитет од 1.150 легла, има европски услови. Она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира, и понатаму да напредуваат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. На 1 октомври почнува новата академска година, а денеска објектот го посетија и министерката за образование и наука Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, германската амбасадорка Петра Дрекслер и претставници на Германската развојна банка (KFW).
„Пресреќна сум што сите заедно, им ги овозможивме овие модерни згради на младите во главниот град кои имаат потреба од државни капацитети за сместување додека судираат. Од руинирани објекти, дел изградени во 1964 година, дел во 1990-тите години, кои години наназад беа симбол на негрижа и нехуманост, извор на загадување, денес имаме објекти трансформирани до непрепознатливост – модерни со високо ниво на енергетска ефикасност, со најсовремена опрема и технологии што ги задоволуваат сите највисоки стандарди за градба и опремување на објекти од ваков вид во Европската Унија“, рече Јаневска.
Министерката апелираше до студентите одговорно да ги користат просториите, затоа што, како што рече – ова е јавно добро и од нив зависи колку следни генерации ќе го користат и исто така ќе бидат задоволни што се тука.
Јаневска кажа дека многу скоро ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите.
За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија. Оваа инвестиција е дел од поширока програма која предвидува реконструкција на 9 државни студентски домови, 6 училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден ученички дом. Вкупната инвестиција ќе чини 86 милиони евра, од кои 60 се заем од Германската развојна банка под исклучително поволни услови, 22 милиони се неповратни грантови од ЕУ и околу 4 милиони евра се од буџетот на МОН.



