ГАЗДАТА НА ДИВОТО ДИСКО „ПУЛС“ ДЕЈАН ЈОВАНОВ ДОБИ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ВО НОВАТА ИСТРАГА ЗА ДАВАЊЕ ПОТКУП ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА

    ГАЗДАТА НА ДИВОТО ДИСКО „ПУЛС“ ДЕЈАН ЈОВАНОВ ДОБИ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ВО НОВАТА ИСТРАГА ЗА ДАВАЊЕ ПОТКУП ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈАДосега Јованов беше во затворот во Куманово, а денеска ќе оди во затворот „Скопје“ во Шутка. (Фото: СДК.МК)

    Сопственикот на кочанската дива дискотека „Пулс“, Дејан Јованов, а кој требаше утре да излезе од притвор, сепак од притворскиот дел во кумановскиот затвор ќе оди во затворот „Скопје“ во Шутка со нов 30-дневен притвор изречен денеска, во врска со новоотворената истрага за него. Истрагата е за давање поткуп во Министерството за економија за добивање лиценца за „Пулс“, каде во пожар на 16 март 2025 загинаа 63 младинци и деца, а над 200 се повредени. Притворот за обвинението за „Пулс“ на Јованов му завршува на 3 октомври.

    „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против Д. Ј. од Кочани, по изјаснување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите приложени кон предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена. Притворот е определен поради постоење на основите предвидени во Законот за кривичната постапка (ЗКП), односно поради постоење опасност осомничениот да избега, како и поради основаниот страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Мерката притвор започнува да се извршува од 3.10.2026 година, имајќи предвид дека лицето во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката ‘Пулс’. Во новоотворената истрага, за која е предложен притворот, Д.Ј. е осомничен дека сторил кривично дело Давање поткуп од член 358 став 1 од Кривичниот законик“, кажа денеска Основниот Кривичен суд Скопје, откако Јованов ја напушти зградата.

    Јованов во новата истрага се сомничи дека во два наврата на обвинетиот службеник Џеваир Камбери од Министерството за економија му дал пари за да му биде издадена лиценца за незаконското диско/кабаре „Пулс“, дури и без да поднесе барање за лиценца. Камбери е обвинет за примање поткуп во големиот судски процес што го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани со 34 обвинети, на чело со газдата Дејан Јованов.

    „Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови. Поради опасност од бегство на осомничениот за ова кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години, како и фактот дека против него се води уште една кривична постапка за Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје го достави предлогот за определување мерка притвор“, соопшти синоќа Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира