КОПИЛОТОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ ГО НАПАДНАЛ КАПЕТАНОТ СО СЕКИРА ВО ОБИД ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ КОНТРОЛАТА ВРЗ АВИОНОТ, ОБЈАВИ ГЛАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА ЕМИРАТИТЕ

    КОПИЛОТОТ НА „ФЛАЈДУБАИ“ ГО НАПАДНАЛ КАПЕТАНОТ СО СЕКИРА ВО ОБИД ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ КОНТРОЛАТА ВРЗ АВИОНОТ, ОБЈАВИ ГЛАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА ЕМИРАТИТЕОд амбасадата на Индија во ОАЕ соопштија дека Мачхар е во добра состојба и успешно закрепнува. (Фото: Индиска амбасада во ОАЕ)

    Копилотот на авионот на компанијата „Флајдубаи“, кој леташе за Израел, го нападнал пилотот со секира во обид да ја преземе контролата врз леталото, соопшти главниот обвинител на Обединетите Арапски Емирати.

    Авионот, кој сообраќаше на релација од Дубаи кон Тел Авив и превезуваше повеќе од 170 луѓе, по два и пол часа лет нагло пропадна за над 5.200 метри. Патниците во авионот успеале да го совладаат напаѓачот, по што членови на дежурниот екипаж кои патувале на летот влегле во пилотската кабина и безбедно го приземјиле авионот.

    Капетанот Смит Мачхар, кој се здобил со убодни рани при нападот, првично бил пренесен во блиска болница, а потоа со хеликоптер префрлен во Абу Даби, каде што се наоѓа во стабилна состојба. Овој тип секири вообичаено се чува во пилотската кабина за употреба при вонредни состојби и несреќи.
    Државниот обвинител на ОАЕ за државните медиуми изјави дека истрагата е во тек со цел да се утврдат сите околности и мотиви за инцидентот.

    Државната новинска агенција соопшти дека властите во земјата истражуваат дали случајот е поврзан со каква било терористичка активност. Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, копилотот кој го извршил нападот е државјанин на Оман. Нетанјаху во четвртокот за американската телевизија „Фокс њуз“ кажа дека напаѓачот, откако бил совладан, му викал на екипажот да го убијат. Израелскиот премиер додаде дека е јасно оти копилотот сакал да се самоубие и оти најверојатно имал намера да го собори авионот, дополнувајќи дека тој бил подложен на исламистичка радикална индоктринација.

    Од амбасадата на Индија во ОАЕ соопштија дека Мачхар е во добра состојба и успешно закрепнува, додека пилотот изјави дека е уверен во своето оздравување и во брзото враќање во добра форма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира