Шпанскиот моден синџир Зара повлече од продажба детски костим за Ноќта на вештерките по критиките дека наликува на униформите што ги носеле затворениците во концентрационите логори за време на нацистичкиот режим.
Костимот, составен од горен дел и панталони со сино-бели вертикални пруги, бил изработен да изгледа износено и имал отпечатени шари што потсетуваат на бодликава жица. Пришиените делови на ракавите асоцирале на броеви на затвореници.
Израелскиот новинар Дов Гил-Хар во објава на мрежата Икс напиша дека шпанскиот синџир ги згрозува своите купувачи во Европа со уште една кошмарна идеја, односно со костим во стилот на нацистичките концентрациони логори.
Облеката повеќе не е достапна на онлајн продавницата на Зара. Од прес-службата на синџирот, во одговор на прашање, соопштија дека Зара хоум изразува жалење за какво било недоразбирање што можеби го предизвикал овој детски костим и додадоа дека тој веќе не може да се купи ниту во дуќаните, ниту преку интернет.
Од компанијата не одговорија на прашањето зошто при внатрешните проверки не било забележано дека костимот наликува на облека од концентрационен логор.
Ова не е првпат Зара да се соочи со критики за производи поврзани со нацизмот. Во 2014 година, модната куќа повлече детска блуза на сино-бели пруги со жолта шестокрака ѕвезда на левата страна од градите, налик на оние што нацистите ги присилувале Евреите во Германија да ги носат. Претходно, во инцидент во 2007 година, Зара продаваше платнена чанта декорирана со свастики и цветни мотиви.



