Пентагон објави дека ќе погуби поранешен мајор на американската армија со стрелање, што е прва таква воена егзекуција во САД од крајот на Втората светска војна. Нидал Малик Хасан уби 13 невооружени американски војници во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година, повредувајќи уште 32.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, објави на социјалните мрежи дека министерот за војна Пит Хегсет ја дал препораката, а претседателот Доналд Трамп ја одобрил.
„Секретарот на армијата ќе ги одреди времето и местото на егзекуцијата. Судниот ден за Хасан конечно дојде“, напиша Парнел на Икс.
Хасан, кој беше психијатар на американската армија од Вирџинија, рече за време на неговото судење во 2013 дека верувал оти ги штити муслиманите и талибанците во Авганистан. Убиствата од 5 ноември 2009 беа најсмртоносниот напад во американска воена база во неборбени услови. Нападот се случи во преполна медицинска зграда, каде што војниците чекаа прегледи и вакцини.
Според воениот закон, за воена егзекуција е потребно одобрение од американскиот претседател. Смрт со стрелање е прилично невообичаена. Минатата година, во Јужна Каролина беше извршена егзекуција со стрелање, првпат во САД по 15 години.



