ЗАЧЕСТИ ПРОДАЖБАТА НА ПЛИНСКИ БОЦИ ОД НЕОВЛАСТЕНИ ЛИЦА, АЛАРМИРА МАКПЕТРОЛ

    ЗАЧЕСТИ ПРОДАЖБАТА НА ПЛИНСКИ БОЦИ ОД НЕОВЛАСТЕНИ ЛИЦА, АЛАРМИРА МАКПЕТРОЛОд „Макпетрол“ ги предупредуваат корисниците кои набавуваат плин во боци од неовластени дистрибутери дека доколку внесат во нивниот дом неконтролирано наполнета боца со плин, при најмало зголемување на температурата, може да дојде до несакани и трагични последици. (аматерска фотографија)

    Компанијата „Макпетрол“ вели дека е зачестена појавата на неовластени лица кои вршат продажба и дистрибуција на плински боци и како пример посочи фотографии направени пред два дена во скопската населба Карпош на кои се гледа возило марка Фолксваген голф, натоварено со десетина полни боци со плин од 10 и 35 килограми.

    „За да биде уште полошо и поопасно, неовластеното лице што ги доставува полните боци со лого на Макпетрол АД, нуди рекламен материјал (флаер) во кој покрај неговите телефонски броеви наведува ‘Нудиме бесплатна стручна помош при монтажа на плинската боца’. Сакаме да ја информираме јавноста дека боците задолжително се полнат во специјализирани полнилници каде што се контролираат издржливоста на притисок на боцата и функционалната исправност на вентилот пред да се наполни со ТНГ“, велат од „Макпетрол“.

    Периодичниот преглед на боците пред нивното полнење го прави акредитирано инспекциско тело во склоп на „Макпетрол“ и за тоа издава соодветен сертификат.
    „По полнењето, повторно се проверуваат пропустливоста на телото на боцата и вентилот. Неисправниот вентил, иако е во затворена позиција, може незабележливо да го пропушта гасот и истиот да истече во просторијата. Од полнилниците, до крајните потрошувачи Макпетрол АД секогаш дистрибуира целосно контролирана, исправна и соодветно заштитена и означена ТНГ боца“, додаваат од компанијата.

    Од „Макпетрол“ предупредуваат дека доколку се врши полнење на боци во неспецијализирани полнилници, не е можно да се изврши контрола на преполнувањето, а истовремено полнењето не е безбедно и не е во согласност со позитивните технички и законски норми. Истовремено, ги предупредуваат корисниците кои набавуваат плин во боци од неовластени дистрибутери дека доколку внесат во нивниот дом неконтролирано наполнета боца со плин, при најмало зголемување на температурата, може да дојде до несакани и трагични последици.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира