МАЈКАТА НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ ТВРДИ ДЕКА 350-ТЕ ИЛЈАДИ ЕВРА СКРИЕНИ ЗАД ШПОРЕТОТ СЕ ОД ЗЕМЈОДЕЛИЕ, СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА „СÈ ШТО ЌЕ Ѝ ОСТАНЕЛЕ ПАРИЧИЊА, ВО ФОЛИИЧКА ГИ СТАВАЛА ЗАД ПЛОЧКИТЕ“

    МАЈКАТА НА СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ ТВРДИ ДЕКА 350-ТЕ ИЛЈАДИ ЕВРА СКРИЕНИ ЗАД ШПОРЕТОТ СЕ ОД ЗЕМЈОДЕЛИЕ, СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА „СÈ ШТО ЌЕ Ѝ ОСТАНЕЛЕ ПАРИЧИЊА, ВО ФОЛИИЧКА ГИ СТАВАЛА ЗАД ПЛОЧКИТЕ“На денешното судење на судијата Ѓоко Ристов сведочеа неговите родители. (Фото: СДК.МК)

    Поучена дека му е мајка на обвинетиот судија Ѓоко Ристов и дека не мора да сведочи, дека не мора да одговара на прашања со кои би му нанела тежок срам и материјална штета на нејзиниот син, сепак во неговата одбрана, денеска во Кривичниот суд застана да сведочи Донка Ристова од Неготино, положувајќи заклетва дека нема да лаже.

    Кај поранешниот апелационен  судија, во семејната куќа во Неготино, Обвинителството за организиран криминал и корупција најде закопани во ѕид 350.000 непријавени евра.

    Ја прашуваше директно адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ.

    Мајката кажа дека претрес  во нивниот дом во Неготино прво бил извршен на 29 декември лани.

    „Луѓето поминале таму, не нашле ништо во декември. Таму бил  мојот сопруг и синот Ѓоко. Следниот претрес беше на 18 јануари. Јас и момчето, мојот сопруг, бевме во бања Негорци. Не’ повикаа, па дојде помалиот син од Скопје и го однесе маж ми дома во нашата куќа. Првиот ден не нашле ништо, вториот ден на 19 пак дошле, превртеле се и го нашле моето место. Таму си ги чувам јас парите. Тоа е во горната кујна, позади шпоретот. Плочката беше залепена само на 4 места за да падне, за да се отвора. Од 1975 година си ја направивме куќата и се што ќе ми остане париче, си ставам таму. Плочката ми е како прозорче. Сè што ќе ми останат паричиња, во фолиичка, право во прозорчето-плочка, и таму си го ставав за тешки денови. Беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по апоени од 500 и по 200 евра”, одговараше Донка Ристова.

    Кажа дека парите и’ биле од земјоделие. Продавале бостан, диња, пипер црвен, ореви, кајсии, се за тезга им биле произведени.

    „Секој ден на пазар одев. Ќе се чудите судијке, до Горни Милановац два тона роба сум носела”, раскажуваше мајката.

    „Кога го оформивме лозјето, имавме голема добивка од него. Никој не знаеше за парите. Тоа беа лично мои и на момчето. Ќе ги завиткав во фолија, во едно најлонче и – пикни таму во дупката. Прво си купував марки, а после ги претворав во евра. Ко ќе ми се стесни дупчето, ново копав. Пред 4 години откажав све. Здравствено не сум добра. Земјоделието еден прешлен не ми остави”, излегуваше сведокот од прашањата.

    На прашање зошто не се во банка, таа одговори: “ Банката не гарантира за повеќе од 30.000 евра. Се затвори пред некоја година, луѓе се бесат, умираат. Парите ми беа за Геријатрија. За кревет бараат 100.000 евра. Двајцата да легнеме со дедото, за три години ќе ги изедеме тие пари”, пресметуваше мајката  на обвинетиот.

    „Кој ги пишуваше ливчињата со сумите?”, праша адвокатот.

    „Тие ливчиња ги пишував јас и ги ставав таму”, рече таа.

    Натаму, одговори дека судијата Ѓоко Ристов никогаш не и’ дал пари. 

    Во вкрстени прашања, обвинителката Искра Хаџивасилева ја потсети дека прво рече не ги броела парите што ги ставала, а потоа суми пишувала на ливчињата.

    Потоа праша: „Дали во текот на истрагата против Ѓоко Ристов беше земен брис за ДНК од вас?”.

    „Да, беше земен”, потврди мајката.

    „Вие само ги стававте во ѕид?”, праша обвинителката.

    „Да, само јас”, одговори мајката на судијата.

    „А во менувачница кој ги менуваше?”, ја допраша таа.

    „Сопругот”, одговори мајката на Ѓоко Ристов.

    „Кај продаваат марки во евра во Прилеп? Каде ги менувавте?”, продолжи Хаџивасилева.

    Мајката не одговори конкретно, рече ги претвориле во 2000 година во евра.

    „Рековте многу сте штеделе. Но вие имавте штедни книшки со по околу 15.000 евра секој од вас. Имате стан кај газдата Фатмир Етеми, сте му помогнале на синот Ѓоко со 70.000 евра, сте му дале и на Ангел?”, праша Хаџивасилева.

    „Да, така е”, одговори сведокот.

    „Нивата со фотоволтаици е ваша?”, праша обвинителката..

    „Да”?, рече Донка Ристова.

    „Парите од таа продажба веднаш ги уплатив кај Елена Лука. Ги чекам да се изградат“, додаде таа.

    Адвокатот тука стана и праша кога била продажбата на уделот во фирмата за фотоволтаици.

    „Во јануари 2025 година. Тие пари не ги ставив во ѕид. Тоа ми беше клетва од татко ми тие пари да го дадам за недвижнини”, рече мајката на Ѓоко Ристов.

    На прашање на судијката Билјана Коцевска за земените примероци со ДНК:

    „Како ако вие сте ги ставале, а според вештачењето не е најдена ДНК ни од вас, ни од сопругот, туку само од вашиот син Ѓоко Ристов?”, мајката одговори:

    „Тие пари се само мои и само јас и сопругот ги пакувавме и стававме таму. А резултатите како што знам, не се готови уште”, кажа мајката.

    „Готови се”, и’ кажа судијката.

    Потоа сведочеше и татко му Здравко, кој кажа дека банкнотите од 500 евра ги купувал и во менувачница на Бит Пазар, но дека немал потврда од менувачниците.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира