Активистите од граѓанската иницијатива „НаТочак“ бараат Град Скопје јавно да го објави проектот за брзиот автобуски превоз БРТ, оти се загрижени дека може да се намалат велосипедските патеки за сметка на трасата за возилата. Велат дека воведувањето на БРТ може да биде важен чекор за Скопје, но не смее да се претвори во изолиран проект за автобуски траси, туку треба да биде дел од интегриран систем со железницата, останатиот автобуски превоз, пешачењето и велосипедизмот.
Во писмото испратено до Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, велат дека БРТ нема само да пренамени две автомобилски во две автобуски ленти, туку ќе го промени целокупното сообраќајно решение на дел од главните булевари.
„Еден од најголемите ризици е начинот на кој ќе се распредели ограничениот простор. Булеварот Јане Сандански е со профил од околу 60 метри и овозможува различни решенија. Но, останатите булевари каде ќе минува трасата како Партизански одреди, Климент Охридски, Кочо Рацин, 11 Октомври и Кузман Јосифовски-Питу се значително потесни, 30, 40, максимум 50 метри и ја немаат истата комоција. За овие булевари треба да се избере решение со најмалку штета за останатите видови транспорт. Ова особено важи за во делот кај Буњаковец и Архитектонскиот факултет, каде пешачките и велосипедските површини се со искористен капацитет и веќе се на граница на функционалност“, велат од „НаТочак“.
Според „НаТочак“, доколку таму дополнително се намалат тротоарите за да се обезбеди простор за новиот концепт, пешаците и велосипедистите би можеле да бидат ставени во меѓусебен конфликт.
„Пешачкиот и велосипедскиот сообраќај не се споредна инфраструктура во однос на БРТ. Тие се дел од истиот систем на одржлив транспорт и директно го хранат БРТ. Само заедно со таков пакет можеме да дадеме алтернатива на автомобилската доминација“, додаваат од иницијативата.
Град Скопје заедно со Европската банка за обнова и развој на 15 септември го распишаа меѓународниот тендер за проектирање и изведба на трасата каде ќе минува автобускиот БРЗ превоз од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Станува збор за претквалификациона фаза, со цел да се постават високи критериуми за фирмите кои ќе учествуваат. Фирмите кои ќе ја поминат првата претквалификациона фаза потоа ќе учествуваат на тендерот за избор на изведувач. Посебен тендер ќе има за набавка на автобусите.
По анализа на првичното идејно решение, кое предвидуваше возилата да минуваат низ средишното зеленило, направена е измена. Сега тие ќе се движат по лентата до него или крајната брза летна. Ќе бидат одделени со нова жардинера и зеленило од средишната коловозна лента односно од останатиот сообраќај. Тоа значи дека за автомобили ќе останат две ленти и ќе нема мешање на автобусите од БРТ со останатиот сообраќај.
А. АНТЕВСКА



