Музејот на Македонија во ноември ќе слави 50 години од пуштањето во употреба на објектот на архитектите Мимоза Томиќ-Несторовска и Кирил Муратовски, вели директорот Александар Ристевски.
Ристевски, кој е на функцијата шест месеци, вели дека јубилејот ќе се прослави со архитектонско-историска изложба, а датумот дополнително ќе биде утврден.
„Сакам да ги испочитувам Мимоза Томиќ-Несторовска и Кирил Муратовски, кои се архитекти-автори на објектот на Музејот каде што е сега. Музејот од овој формат и со етнологија и историја датира од 1949 година. Соработуваме со доста институции, извадивме доста информации од архивите. На свеченоста ќе дадеме благодарници на луѓе од минатото, како поранешни директори и поранешни вработени. Дојдов во институција која долги години била запоставена: делумно од државата, делумно од јавноста, делумно од медиумите, делумно и од вработените и раководните кадри, севкупно запоставена. Мене, искрено да ви кажам, ми е многу жал, затоа што ова е најголемиот, најграндиозен и најважен музеј по многу аспекти. Матичен музеј на повеќе институции од фелата“, вели Ристевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Ристевски е етнолог по професија, има долгогодишно искуство со проекти во културата и туризмот, а доаѓа од Националната галерија на Македонија. Зборувајќи за кадарот, кој е голем проблем во музеите во целата држава, вели дека во 2023, од Музејот на Македонија во пензија заминале 30 лица.
„Тоа е апокалипса, тоа е 40 отсто од кадарот. Од нив, 12 биле советници-кустоси од сите области. А, само еден човек бил примен. Изминатите три години добар дел од местата се пополнија, не сè, но добар дел. Прво што направив е план да видам во наредните две години кои си одат. Ние во наредните две години губиме девет луѓе: два-тројца сега, а наредната година четири-пет. Еден водич кој беше долго време на договор стана кустос, исто во етнологија, тој ќе ја преземе и целата колекција за стопанство од колешка која за неколку месеци оди во пензија. И тие се сега во фаза на, условно речено, примопредавање. Нема да остане празно место, што е многу важно. Нема некој да си оди, па некој да почнува од нула“, рече тој.

„Сакам да ги испочитувам Мимоза Томиќ-Несторовска и Кирил Муратовски, кои се архитекти автори на објектот на Музејот каде што е сега“, вели директорот Ристевски. (Фото: Музеј на Македонија)
Директорот е задоволен дека за овој период се зголемени продуктивноста и посетата на Музејот, а откако е реновирано Етно селото во Нерези, повторно се отворени продавницата за сувенири и објеките на Музејот.
„Откако е повторно отворено Етно-селото пред година и нешто, имаме над 30.000 посети. Просечно, откако сум дојден, е качено на минимум 2.500 месечно, што е одлично. Тоа значи во просек, без оглед дали врне или вее, минимум 100 и нешто луѓе на ден“, вели тој.
Ристевски ни рече дека имаат проблем со возилата, едно е старо 26 години, а три се распаднати и стари по 25-30 години.
„Тоа е затекната состојба од мене. Ќе се обидеме да најдеме едно-две возила, можеби мало комбе за транспорт, реално имаме потреба од тоа. Да ги заживееме дополнително овие продажни места кои веќе комерцијално почнуваат да работат“, кажа тој.
Директорот вели дека веќе две години од Музејот се сели Воениот музеј, кој ќе биде сместен во стариот Генералштаб во Општина Аеродром. Кога ќе се иселат, според неговите планови, тој простор ќе биде топол ходник и мултимедијален дел.
„Тоа е еден музеј. Како е во Долмабахче во Истанбул, влегуваш на главна порта, вртиш кругови и кругови и излегуваш во продавница за сувенири покрај Босфор. Кај нас ќе влезеш во етнологија, ќе ја извртиш етнологија, ќе поминеш низ делот за Воен музеј и таму ќе има мултимедија, праисторија, ќе влезеш во историја, ќе ги видиш иконите, ќе ги видиш кочиите долу и ќе влезеш во продавница, каде ќе може да се купи нешто“, додава Ристевски.
Тој вели дека оваа година институцијата е помалку или повеќе оставена без програма и без буџет, но успеале за кратко време да организираат повеќе настани. Во тек се изложбите „Боите на слободата“ во чест на 35-годишнината од независноста и „Извонредниот текстил на Мексико“.
„Мислам дека оставаме простор перспективно да станеме музеј кој има шанса неколкупати годишно да прави големи настани. Мене ми е многу криво што нивото на тоа што се правело, издавало или давало на користење низ годините е многу спуштено. Јас кон тоа се стремам, не знам дали во 2027 ќе го исполниме, но сметам дека сме музеј кој треба да прави спектакли, место со протокол, со хиерархија. Јас знам дека во иднина може да биде носечки музеј кој ќе руши рекорди, за разлика од сега. Сметам дека Музеј на Македонија треба да промовира висока и елитна култура. Се надеваме дека наредна година ќе добиеме делегиран и солиден буџет. Ако е делегиран, тогаш директорот заедно со стручниот сектор ги менаџира средствата и мислам дека со пари кои би ни се дале, наредната година би ни била отскочна за 2028, кога Скопје е Европски град на културата, ние да бидеме една од ударните точки“, рече директорот.
Б. НЕСТОРОСКА



