Републикански и демократски сенатори побараа од претседателот Доналд Трамп да се откаже од договорот за увоз на руски дизел, наведувајќи дека тој е спротивен на американскиот закон со кој се забранува увоз на енергенси од Русија сè додека не ја прекине агресијата врз Украина.
„Конгресот експлицитно го забрани увозот на руски енергенси во 2022 година за да спречи американските долари да ја финансираат бруталната војна на Путин против Украина“, се вели во соопштението на седумтемина сенатори, од кои четворица републиканци.
Тие посочија дека владата не се консултирала со Конгресот и не доставила објаснување за својата одлука, обврска што исто така е предвидена со закон.
„Соединетите Држави не треба да обезбедуваат финансиска помош за спас на Путин додека Русија продолжува да убива украински цивили. Администрацијата мора веднаш да го промени курсот“, рекоа сенаторите.
Трамп во петокот објави дека Русија се согласила да испорачува дизел на светските пазари, а неговата администрација привремено ги укина американските санкции за руското гориво. Цените на дизелот се блиску до рекордно високи нивоа, што би можело да им наштети на републиканците на меѓуизборите во САД следниот месец.
Според Трамп, Путин се согласил веднаш да ослободи 300.000 тони дизел за американскиот и глобалниот пазар, по што би следела испорака на 500.000 тони во ноември и уште еден милион тони потоа. Володимир Зеленски остро го критикуваше договорот и го опиша како подарок за Путин и инвестиција во неговата војна против Украина.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека администрацијата на Трамп ќе го спроведе договорот користејќи ги постоечките законски овластувања, како и дека договорот е добар за американскиот народ и ќе доведе до намалување на цените.



