На 14 октомври во 12 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје, ќе се отвори изложбата „Пикасо: Сликата на Музејот“ – избор на дела од колекцијата на МСУ. „Глава на жена“ (1963) од Пабло Пикасо е масло на платно (димензии 73 на 55 см) кое авторот го подарил на Музејот на современата уметност како знак на солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година.
„Насликана во период кога Пикасо веќе е централна фигура на европската и светската модерна уметност, оваа слика во Скопје добива и поинаква, локална историја. Таа не е само дело од музејската колекција, туку и еден од визуелните симболи преку кои колекцијата, музејот и неговата специфична историја стануваат видливи пред јавноста. Токму затоа оваа изложба не ја поставува „Глава на жена“ само како ремек-дело кое треба повторно да се види изолирано од контекстот. зложбата која се развива низ три меѓусебно поврзани насоки, се обидува да даде одговор на тоа како од една иконична слика повторно можат да се отворат низа други прашања и манифестации на визуелната култура“, велат од Музејот.
Изложбата се организира во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Донацијата е личен избор на Пикасо, добиена со посредство на Жан Касу, бивш директор на Националниот музеј за модерна уметност во Париз во 1965 од галеријата „Луј Леири“ што го застапувала неговото творештво.
Делото „Глава на жена“ е настаното во едно од неговите последни ателјеа. Сликата е дел од серијата женски портрети, негов омилен мотив кој се провлекува уште од 1932 и во кое се присутни кубистичките форми карактеристични за неговото зрело творештво.
На 17 ноември 1971 сликата била украдена од изложбените сали на постојаната поставка. Во исто време во неколку галерии во Париз се украдени негови дела. Вратена е на 21 април 1972. Со извршената реставрација таа го доби првобитниот изглед.



