Рок-групата „Меморија“ на 23 октомври ќе одржи концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, со гости од повеќе генерации македонски музичари. Лидерот на бендот Петар Георгиевски-Камиказа најави дека концертот ќе има и историска вредност, бидејќи ќе бидат свирени песни од времето на легендарните групи „Бис-без“ и „Бон тон“, а ќе биде оддадена и почит на продуцентот Тоше Поп-Симонов.
„Ова е единствената сала во која ‘Меморија’ досега не свирела. Обично сите сали во кои сме свиреле, за жал, ја завршија својата историја, освен ‘Борис Трајковски’. Во 2017 година бевме последни што свиреа во ‘Метрополис арената’ или Скопски саем. Потоа и Универзалната сала, по кратко време од нашето свирење, отиде во историјата, а подоцна некои дури и ја запалија. Се надевам дека ќе се изградат нови сали и ќе се обнови Универзалната сала, за нашите и идните генерации да имаат достоинствени услови во кои ќе можат да ја презентираат својата музичка уметност“, кажа Георгиевски на денешната прес-конференцијата.
На концертот ќе бидат опфатени повеќе периоди од развојот на македонската рок-сцена, почнувајќи од групата „Бис-без“ и песната „Дал да плачам ил да пеам“, преку „Бон тон“, па сè до поновите генерации музичари.
Посебен дел од прес-конференцијата беше посветен на сеќавањата за „Бис-без“, една од најзначајните групи од почетоците на македонската рок-музика. Апостол Поце Икономов, внук на пејачот на „Бис-без“ Коце Икономов, се потсети на времето кога настанала песната „Дал да плачам ил да пеам“.
„Паметам како настана песнаата. Бев многу мал, но паметам. Роден сум во 1965 година. Некој ќе рече, можно ли е на четири-пет години да свириш? Можно е. Многу сакав да одам на нивните проби. Татко ми ми велеше дека од мене ќе биде тапанар, но не станав тапанар. Таа песна и во други прилики ја имаме свирено со чичко ми додека беше жив, во различни верзии. Роден сум и пораснат во зградата до Соборната црква, каде што живееше и чичко ми. Тој стан и ден-денес е полн со гитари. Во оваа наша верзија, што ќе ја слушнете на 23 октомври, ќе бидете многу изненадени како звучи“, рече Икономов.
Меѓу гостите на концертот ќе бидат Игор Џамбазов со Гуру Харе, Давид Темелков и други млади музичари. Бени Шаќири со групата „Нон-стоп“ ќе ја испее песната „Како по навика“, во чест на Тоше Поп-Симонов.
„Оваа песна е автобиографска на Тоше Поп-Симонов“, рече Петар Георгиевски-Камиказа.
Ристо Самарџиев, вториот пејач на бендот, кажа дека концертот има посебно значење и поради датумот на кој се одржува, Денот на македонската револуционерна борба.
Клавијатуристот Давор Јордановски, кој по престојот во Канада повторно е дел од „Меморија“, кажа дека настапот во „Јане Сандански“ за него има и лично значење.
„Концертот е во моето старо маало, во Аеродром, во ‘Јане Сандански’, каде што како дете одев да гледам како МЗТ игра кошарка. Вториот голем мерак ми е што, откако се вратив од Канада, звукот на бендот почна повеќе да тежнее кон оргуљи“, рече Јордановски.
Георгиевски се сети и на неговото приклучување во групата во 1995 година, кога имал само 18 години.
„Кога Давор почна да свири во бендот, отидовме дома да го просиме, да ги замолиме неговите родители да го пуштат со нас“, рече Камиказа.
Продуцентот Мите Димовски ќе свири тапани на концертот наместо тапанарот Александар Сале Јовановски, кој имал мозочен удар и 90 дена бил во кома. Георгиевски кажа дека сега е добро, но на концертот ќе биде само гостин.
Рубин Димкоски, гитаристот од Прилеп кој се приклучи на групата во 2024 година, рече дека не му е тешко да патува од Прилеп до Скопје и назад на сите проби, а досега доаѓал околу 40 пати.
М. ЏАРОВСКА



