Наредбата за ограничување на сателитскиот систем што Украина го користи за комуникација на бојното поле и за операции со беспилотни летала дошла од Белата куќа, според двајца американски функционери и еден западен претставник кои се запознати со случајот. Тие изјавија за „Ројтерс“ дека раководството во министерството за одбрана добило порака оти работата на услугата „Старшилд“ на компанијата „СпејсЕкс“ треба да се забави.
Изворите не прецизирале кој во Белата куќа ја донел одлуката, ниту, пак, кој бил одговорен за спроведување на наредбата. Пентагон е најголемиот клиент на „Старшилд“, верзијата на „Старлинк“ наменета за воени потреби.
Украински функционери оваа недела изјавија дека приемниците „Старлинк“ со воени спецификации престанале да функционираат во Украина кога биле поставени на објекти што се движат со голема брзина, што го попречувало работењето на украинските дронови. Од министерството за одбрана на Украина изјавија дека приемниците сега функционираат и при движење, но само при брзини до 160 км/ч.
Висок американски функционер изјави:дека Доналд Трамп никогаш не упатил барање за ограничување на работата на „Старшилд“, но од Белата куќа не одговориле на прашањата дали можеби други претставници на администрацијата го направиле тоа.
„Старшилд“ е развиен од „СпејсЕкс“ специјално за владата и за клиенти од сферата на националната безбедност, особено министерството за одбрана на САД. Илон Маск, извршниот директор на „СпејсЕкс“, изјави дека системите „Старшилд“ се во сопственост и под контрола на владата на САД, па за какви било ограничувања на брзината или за употребата одлучуваат американската војска или претседателот.
Украински претставници изјавија дека ограничувањата ги отежнале нападите врз руските сили и логистиката на окупираните територии, а истовремено ги забавиле дроновите за соборување на руските беспилотни летала.



