Македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески на 2 и 3 ноември во Скопје ќе ги одржи концертите „Камерен музички десерт“, со разновидна програма која опфаќа дела од Чајковски, Григ, Шостакович, Брамс, Маркез, Розенблат и Конесон. Трпчески ќе свири со свој камерен оркестар на сцената во Филхармонијата.
На денешната прес-конференција Трпчески рече дека со овој проект сака да ја претстави камерната музика во нејзините различни облици, но и да испрати порака за важноста на заедништвото и меѓусебната почит.
„Зошто камерен десерт? Камерната музика е синоним за заедништво, меѓусебно разбирање и почит, што сметам дека треба да биде порака во кое било заедничко работење, во која било сфера. Во англискиот јазик има еден убав израз ‘sharing is caring’, односно споделувањето значи и грижа, а на македонски можеби уште поубаво звучи ‘заедно сме посилни’“, рече Трпчески.
На двата концерта Трпчески ќе настапи со музичари со кои публиката досега имала можност да се запознае преку проектот „Македонисимо“, во кој македонската народна музика се изведува во современи аранжмани. Овојпат тие ќе се претстават со класична камерна програма, за која се и професионално образовани. Со него ќе настапат виолинистот Александар Краповски, виолончелистот Александар Сомов, кларинетистот Хидан Мамудов и перкусионистот Влатко Нушев. Како гости ќе им се придружат виолинистката и музички педагог Марина Чадо, виолистот Александар Земцов и виолинистот Ѓорѓи Димчевски.
„Сакав да направам избор на програма за различни слоеви на публиката и да ѝ дадам значење на класичната музика преку нејзината разновидност. Честопати постои впечаток дека класичната музика е нешто многу сериозно, каде што не смееме да мрднеме, ниту да дишеме. Од една страна, самата музика бара фокусираност, но од друга страна, таа нуди најразлични карактери и расположенија“, рече Трпчески.
Тој најави дека првиот дел ќе започне со Чајковски, по што следуваат дела од норвешкиот композитор Едвард Григ и од Дмитриј Шостакович.
„Ќе започнеме со Чајковски, па ќе продолжиме во еден прекрасен, фјордовски свет на Едвард Григ, со дела од два различни периоди од неговото творештво. Тој целиот живот бил инспириран од норвешката народна музика и фолклорот, па ќе слушнеме и убава игривост во неговите композиции. Првиот дел ќе го завршиме со Шостакович, со една композиција која има полесен пристап до ушите на музичките сладокусци“, рече Трпчески.
Вториот дел ќе започне со Брамс, а потоа програмата ќе премине кон поинакви музички стилови.
„Ќе започнеме со еден сериозен период од творештвото на Јоханес Брамс, кој бил тесно поврзан со семејството Шуман. Роберт Шуман бил негов идол, а постоела и неговата недокрај реализирана љубов кон Клара Шуман, која и самата била одлична пијанистка и композиторка. Во продолжението ќе бидат изведени дела од мексиканскиот композитор Артуро Маркез и Александар Розенблат. Ќе претставиме дела од Артуро Маркез, а потоа една прекрасна фантазија од Александар Розенблат, за која верувам дека ќе ја крене публиката во поглед на емоциите, а можеби и на нозе, ако така се почувствува. Се разбира, тоа е добредојдено“, рече Трпчески.
Посебен дел од програмата е композицијата „Дивертименто“ од современиот француски композитор Гијом Конесон, со која ќе заврши концертот. На прес-конференцијата пијанистот кажа дека имал интензивен почеток на новата концертна сезона, во која веќе настапи во повеќе европски земји, во Јапонија и во САД.
Концертите ги организира продукција „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА



