Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера им раскажа на своите поддржувачи за неговиот наводен обид да именува океан според себе, како и за одбивањето на „Гугл“ да ја прифати таа идеја. Говорејќи на предизборен собир во сојузната држава Џорџија, Трамп тврдеше дека им предложил на претставниците на интернет-гигантот Атлантскиот или Тихиот Океан да се преименуваат во „Океан на Трамп“. Според Трамп, тие реагирале со негодување: „Доста ни е. Ова е премногу. Нема повеќе да правиме вакви работи“.
Трамп претходно, со извршна наредба во 2025 година, го преименуваше Мексиканскиот Залив во „Залив на Америка“, а во август оваа година го преименуваше и езерото Онтарио, кое се наоѓа на границата со Канада, во „Езеро Америка“. „Гугл мапс“ ги примени овие промени за корисниците во САД.
Трамп им кажал на поддржувачите дека му испратил на „Гугл“ мапа на која стоело „Океан на Трамп“, но претставниците на компанијата ја отфрлиле идејата.
„Господине, видете, ова навистина не можеме да го направиме. Океаните се нешто друго. Тие опфаќаат многу, многу земји. Не можеме да го направиме тоа“, рече Трамп што му кажале тие.
Трамп изјави дека – овојпат – само се шегувал, но додаде дека тоа сепак не е најлошата идеја што некогаш ја имал. Не е јасно дали овој разговор со „Гугл“ навистина се случил.
Трамп во повеќе наврати спомнувал дека би сакал да преименува некој океан. Тој исто така ја изнесе идејата за преименување на Ормускиот Теснец во „Теснец на Трамп“ – очигледно во обид да го испровоцира Иран, земја со која САД се во војна.



