Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје нема парно греење, ниту тоалети за публиката која доаѓа на настаните. Грејната сезона во земјава почна на 15 октомври, но во МКЦ не може да почне поради хаварија на системот за греење. За повторно да се воспостави функционирањето на инсталацијата, потребна е замена на вентил во вредност од 300.000 денари, средства што, според информациите од вработените, институцијата во моментов не може да ги обезбеди.
На 15 октомври во МКЦ беше свеченото отворање на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, кога публиката седеше облечена во зимски јакни. На отворањето присустувуваа и турскиот режисер Емин Алпер, кој доби Сребрена мечка на годинашното Берлинале, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајковска, како и претставници од филмскиот свет.
Терасата на МКЦ не е во функција поради долгови, а со тоа, институцијата ја губи можноста да го користи овој простор како бифе, кој, според вработените, претставува еден од изворите на дополнителни приходи. Значително е намалена и програмата во МКЦ, па оваа година се одржаа само неколку концерти и фестивалот Здраво млади.
Според информациите од вработените, ниту еден тоалет за публиката не функционира, со исклучок на оние во административниот дел. Тоа значи дека посетителите кои доаѓаат на културни настани немаат на располагање функционални санитарни простории. Во МКЦ во наредниот период треба да се одржат Ехо филм фестивал, Скопје филм фестивал, Млад отворен театар и Фестивалот на европски филм Синедејс, но вработeните се во неизвесност, со оглед на целата ситуцаија во МКЦ.
- СТОПАНСКАТА КОМОРА МАТТО ЌЕ КУПИ ПРОЕКТОР ЗА СКОПСКОТО КИНО МИЛЕНИУМ И ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО СЕПТЕМВРИ, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ
- ЦЕЛА ГОДИНА НЕ РАБОТИ КИНОТО МИЛЕНИУМ, ГРАД СКОПЈЕ ПРОЦЕНУВА КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА
- ДВА МЕСЕЦА Е ЗАТВОРЕНО СКОПСКОТО КИНО МИЛЕНИУМ, ШАЌИРИ ВЕЛИ НЕ Е БЕЗБЕДНО ОТИ ПРОКАПУВА КРОВОТ
- ПРОПАЃА КИНОТО „МИЛЕНИУМ“ ВО ГТЦ, ГРАД СКОПЈЕ СЕДУМ МЕСЕЦИ ГО ИГНОРИРА БАРАЊЕТО ЗА НОВ ПРОЕКТОР ОТИ СТАРИОТ ВЕЌЕ НЕ СЕ НИ ПОПРАВА
Вработените посочуваат дека за проблемите уште од јануари неколкупати го известувале директорот Бени Шаќири, алармирале за состојбата во МКЦ, но досега не се преземени мерки. Вработените испратиле и обемен допис до градоначалникот на Скопје, Кабинетот на Градот, Советот и надлежниот сектор за дејности, со барање за преземање конкретни мерки, но досега не добиле одговор.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК на 16 октомври испрати прашања до директорот на МКЦ, Шаќири, но до објавувањето на текстот не добивме одговори. Прашањата за ситуацијата со греењето и со тоалетите и дали е известен Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека нема санитарни јазли ги испративме и до Град Скопје, од каде што нѐ препратија да побараме одговори од директорот на МКЦ.
Б. НЕСТОРОСКА




