Италијанската војска планира да испрати 500 војници во Милано по жестоките немири. Одлуката беше донесена на кризен состанок, со кој претседаваше премиерката Џорџа Мелони.
Дополнителното воено присуство има за цел да спречи понатамошни немири во финансискиот главен град на Италија. Се разгледува и воведување полициски час за одредени делови од градските центри. Мелони најави строг пристап како одговор на немирите во Милано и во неколку други града.
Нередите во Милано избувнаа викендов по првично мирните протести против високите трошоци за живот и разни владини законски планови. На централниот плоштад Дуомо и во неговата околина, претежно млади луѓе облечени во црно и со маски кршеа излози и ограбуваа продавници и супермаркети.
Според властите, најмалку 14 припадници на безбедносните сили беа повредени во Милано. Штетите се проценуваат на милиони евра.
По протестите, Италија ќе усвои и нови безбедносни мерки насочени кон малолетници. Според овие строги мерки, полицијата ќе може на 12 часа да задржува лица помлади од 18 години во полициска станица дури и ако тие немаат сторено кривично дело, под услов да постојат докази дека претставуваат опасност, изјави вицепремиерот Матео Салвини.



