Американскиот пратеник Стив Виткоф денеска ќе се сретне со Владимир Путин по разговорите со Володимир Зеленски во Норвешка, додека Доналд Трамп порача дека е време Украина да стави крај на војната.
Еден американски функционер изјави дека Украина изнела нови идеи и предлози на разговорите во Осло, на кои учествуваа и лидерите на Норвешка и Финска и претставници од Европа и НАТО и дека учесниците постигнале „значаен напредок кон координиран пристап во однос на ангажманот со Русија“. Тој кажа дека разговорите опфатиле „клучни елементи на сеопфатна мировна рамка“, вклучително и безбедносни гаранции за Украина, повоен економски план и поширока европска безбедносна архитектура.
„Виткоф би имал за цел да создаде пат кон директни трилатерални и пошироки мултилатерални преговори“, рече функционерот.
Зеленски отпатува во Осло во обид да ги поправи односите со Вашингтон, кои паднаа на ново најниско ниво, додека Трамп се обидуваше да ја придобие Москва. Киев изрази незадоволство што Вашингтон блокирал испорака на оружје и разузнавачки информации.
На прес-конференцијата по средбата во Осло, Зеленски, кој претходно телефонски разговорше со американскиот државен секретар Марко Рубио, изјави дека Украина повторно добива рани предупредувања за руски ракетни напади.
Зеленски рече дека разговарале за безбедносни гаранции слични на Член 5 од Договорот за НАТО, според кој нападот врз еден сојузник значи напад врз сите. Тој и неговите европски сојузници изјавија дека сега е ред на Русија да одговори на предлозите договорени во Осло.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Кремљ ќе го сослуша она што ќе го понуди Виктоф, притоа исклучувајќи какви било политички отстапки.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стјоре изјави дека средбата во Осло била добра и конструктивна, додека финскиот претседател Александар Стуб додаде: „Мислам дека мировниот процес е повторно на вистинскиот пат“.
Во исто време, Трамп ја повика Украина да склучи договор за завршување на војната, додавајќи дека Москва сака тоа да се реализира.
„Украина мора да сака да ја заврши оваа војна. Русија има предност во судирот, бидејќи е голема машина и едноставно продолжува да напредува. Зазеде многу територија“, изјави Трамп.



