ПОД КАЛЕ КАЈ ПОРАНЕШНИОТ БАЗЕН „ПЛАЈА ВИСТА“ ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ ЛЕТНИ ДИСКОТЕКИ

    ПОД КАЛЕ КАЈ ПОРАНЕШНИОТ БАЗЕН „ПЛАЈА ВИСТА“ ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ ЛЕТНИ ДИСКОТЕКИОд Градот размислуваат дел од старите објекти на Царинската управа да се понудат на полициската станица „Беко“ за да се пресели на таа локација. (Фото: СДК.МК)

    Под тврдината Кале, кај поранешниот базен „Плаја виста“, ќе се преселат летните дискотеки од Градскиот парк, кои беа урнати заради изградба на лунапаркот. Како што велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Град Скопје, овој простор со години е запуштен и сега ќе се уреди не само во спортски центар, туку и во место за забава.

    „На тој простор имаше две дискотеки, а сега ќе направиме четири. Нив ќе ги изгради и уреди Градот, а потоа по пазарна цена ќе се издаваат. Ќе се постави соодветна звучна изолација и на тој начин нама да има никаков проблем со гласна музика“, велат од Град Скопје.

    Од Градот во овој дел ќе уредат и паркинг простор, а Министерството за спорт и млади работи на проект за уредување на спортските терени. Предвидено е во функција да се врати базенот, на местото на лизгалиштето ќе се направи фудбалско игралиште, а ќе има и терен за падел.

    Од Градот размислуваат дел од старите објекти на Царинската управа да се понудат на полициската станица „Беко“ за да се пресели на таа локација.

    „Дискотеките ќе бидат до полицијата и со тоа безбедноста би била загарантирана, но и почитувањето на работното време и други одредби од законот“, додаваат од Градот.

    Град Скопје пролетоска ги урна летните дискотеки во Градски парк, кои беа на таа локација со години. На нивно место треба да се гради новиот лунапарк, но градежните работи, иако требаше да почнат оваа година, се одложени бидејќи раскинат е договорот од 10 милиони евра со фирмата „Мастеф“, која победи на тендерот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на 15 октомври за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека договорот е спогодбено раскинат поради судска одлука, која се однесува за реквизитите набавени уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски.

    „Градот тој договор го раскинал, па фирмата тужела и по судската постапка го добила случајот, што значи дека Град Скопје мора овие реквизити да ги плати. Кога го распишавме тендерот, немаше судска одлука, тоа се случи откако го склучивме договорот. Во тендерот ги имавме предвидено реквизитите кои веќе ги има со договорот од времето на Трајановски и за да не ги дуплираме и да не трошиме пари, решивме спогодбено да го раскинеме договорот“, вели Ѓорѓиевски.

    Сега Градот ќе направи анализа какви реквизити има со претходниот договор и она што го нема, ќе се набави со распишување нов тендер.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира