Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на брз прием на државите од Западен Балкан во Европската унија.
„Вашето членство во ЕУ е она што ние го сакаме. Можете да сметате на поддршката од Германија, како и на мојата лична поддршка“, рече Мерц на почетокот на самитот со лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, што се одржува во Црна Гора.
Истовремено, Мерц ги повика шесте земји да спроведат дополнителни реформи.
„Ние како ЕУ го исполнивме своето, но и вие мора да го сторите истото. Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас“, рече тој.
Шесте држави од Западен Балкан се наоѓаат во различни фази од долготрајниот процес на пристапување кон ЕУ, при што повеќето од нив со години чекаат да станат дел од Унијата. Се очекува Црна Гора прва да биде примена, со оглед на тоа што преговорите треба да завршат следната година.
Самитот, кој се одржува во вила во Будва, е дел од Берлинскиот процес, иницијатива покрената во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да се поттикне интеграцијата на овие шест земји во ЕУ. Во јуни, Германија и Франција покренаа нова иницијатива за забрзување на процесот на пристапување.
Според нивниот план, исполнувањето на одредени критериуми за пристапување би се наградувало со привилегиран пристап до единствениот пазар на ЕУ или со вклучување на набљудувачи во институциите на ЕУ.



