Основниот суд во Охрид донесе ослободителна пресуда во повторената постапка за нападот врз Христијан Пендиков од јануари 2023, откако претходната пресуда од по осум месеци затвор беше укината од Апелацискиот суд во Битола. Илија Спасески и Борче Ангелов се ослободени од обвинението за нападот откако Основниот суд во Охрид оцени дека обвинението не е докажано надвор од разумно сомневање.
Адвокатот на одбраната Димитрија Цобоски изјави дека судот постапил согласно насоките на Апелацискиот суд во Битола и ги извел сите предложени докази.
„Основниот суд во Охрид, постапувајќи во целост по дадените укажувања од страна на Апелацискиот суд и изведувајќи ги сите предложени докази, донесе пресуда со која двајцата обвинети се ослободени од обвинението, бидејќи застапникот на обвинението не успеал надвор од разумно сомневање да ја докаже основаноста на обвинението“, изјави Цобоски.
Претходно, Спасески и Ангелов беа осудени на по осум месеци ефективен затвор за нанесување тешка телесна повреда. Пресудата беше обжалена од обвинителството и од одбраната, по што Апелацискиот суд во Битола ја укина и предметот го врати на повторно судење. Обвинението се однесуваше на нанесување тешка телесна повреда од омраза, поради националната и етничката припадност на оштетениот.
Нападот врз Пендиков се случи на 19 јануари 2023 пред угостителски објект во Охрид. Пендиков во тој период беше секретар на здружението „Цар Борис Трети“, а по нападот беше пренесен на лекување во Софија.
Против денешната ослободителна пресуда обвинителството има право на жалба.
С. ВРЕНЦОВСКА



