МЕГАН МАРКЛ ГИ ПРЕКИНАЛА КОНТАКТИТЕ СО ТАТКО Ѝ ОТКАКО ДОЗНАЛА ЗА ОБВИНУВАЊА ДЕКА ЗЛОСТАВУВАЛ ДЕВОЈЧИЊА

    МЕГАН МАРКЛ ГИ ПРЕКИНАЛА КОНТАКТИТЕ СО ТАТКО Ѝ ОТКАКО ДОЗНАЛА ЗА ОБВИНУВАЊА ДЕКА ЗЛОСТАВУВАЛ ДЕВОЈЧИЊАМаркл му пишала писмо на татко ѝ дека никогаш нема да ги запознае своите внуци Арчи и Лилибет и оти таа никогаш повеќе нема да стапи во контакт со него. (Фото: ДПА)

    Војвотката од Сасекс Меган минатата година ги прекинала сите контакти со татко ѝ Томас Маркл, кажувајќи му дека таа и властите знаат оти злоупотребувал девојчиња, објави „Би-Би-Си“.

    Според извори блиски до војвотката, таа во писмо испратено во 2025 година го предупредила 82-годишниот Маркл дека никогаш нема да ги запознае своите внуци Арчи и Лилибет и оти таа никогаш повеќе нема да стапи во контакт со него. Деталите од писмото, за кои прв објави весникот „Сан“, покажуваат дека Меган исто така му пишала на татко си дека властите се запознаени со тврдењата против него.

    Писмото му било испратено додека тој се наоѓал во болница на Филипините по ампутација на ногата. Маркл, кој живее во САД, се преселил на Филипините минатата година откако имал серија мозочни удари, а сега наводно престојува во центар за рехабилитација во Флорида каде што повторно учи да оди. Меган, која е единствена ќерка на Томас Маркл и Дорија Рагланд, е отуѓена од својот татко од 2018 година, кога тој го откажа присуството на нејзината кралска свадба поради влошено здравје.

    Според медиумските извештаи, во поранешниот дом на Маркл на Филипините биле пронајдени фотографии со сексуална злоупотреба на деца кои наводно му припаѓале нему. Весникот „Сан“ објави дека полубратот на Меган, Томас Маркл Помладиот, тврдел дека пронашол колекција од такви фотографии и видеа меѓу работите на татко му, по што го пријавил случајот во полиција, а во јули стапил во контакт и со американското Федерално истражно биро. Од ФБИ потврдија дека се запознаени со обвинувањата.

    Во меѓувреме, Томас Маркл ги негира сите вакви обвинувања. Во интервју за „Мејл он сандеј“ тој призна дека плаќал за сексуални услуги за време на минатите посети на Филипините, но негира дека спиел со малолетни девојчиња и дека кога било поседувал фотографии со детска злоупотреба.
    Британската Метрополитен полиција во саботата потврди дека уште во 2019 година примила писмо со повеќе тврдења поврзани со таткото на Меган.

    Полицијата тогаш го споделила писмото со војводата и војвотката од Сасекс, но не ја препратила содржината до други агенции за спроведување на законот, поради што сега го преиспитува своето постапување во случајот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира