Записници, извештаи по приоритети, телеграми, документи од СВР Штип, бараат да им се достават преку судот за 2022 и 2023 година адвокатите на 9-темина полицајци, т.н. втора група обвинети, кои се товарат дека без да ги извршат неопходните проверки во неисправната дискотека „Пулс” во делот за кој се задолжени, давале согласности и со тоа му помагале на сопственикот да ги добива без проблем лиценците за работа од Министерството за економија.
Се пожалија и дека нема одговор од МВР на барање за декласификација на документ потребен за доказна цел на одбраната. На денешната расправа тие бараа преку судот да им обезбеди и службени белешки од СВР Штип.
Во оваа група полицајци обвинети се: Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Боби Гидиоски, Гоце Иванов и Александар Максимов, обвинети дека со злоупотребување на службената положба во својот дел придонеле за неисправното диско „Пулс“ во Кочани да добие лиценца од Министерството за економија. Тие се од Кочани, Штип, Радовиш и Пробиштип. На 16 март 2025, непријавената и на диво поставена пиротехника за време на концертот на музичката група ДНК, го запали нискиот сунѓерест и пластичен плафон во диското, а во пожарот загинаа 63 млади луѓе, меѓу кои и деца, а над 220 се повредени.
Обвинителката за организиран криминал Спасенка Андонова во воведниот говор уште пролетта, кажа дека станува збор за проверки што полицијата ги прави по службена должност во насока на утврдување на нарушувањето на јавниот ред и мир и во поглед на безбедноста на сообраќајот, којшто се однесува на безбедносните сообраќајни решенија што се неопходно врзани за работа на еден таков објект каков што бил клубот „Пулс”.
„Се мисли на соодветен број на паркинг-места за овозможување на безбеден тек на сообраќајот, за безбедно доаѓање и одење од објектот. Оваа проценка се врзува со поднесено барање до Министерството за економија за добивање лиценца за работа на угостителскиот објект, па така полициските службеници имаат обврска по таквото барање да ги извршат деталните проверки и да утврдат дали биле водени прекршочни постапки во објектот за нарушен јавен ред и мир и дали објектот ги исполнува условите во поглед на безбедност на сообраќајот. На конкретните полициски службеници опфатени во ова обвинение, им се става на товар дека во таа насока не ги извршиле своите службени должности, односно не направиле целосна проверка или врз основа на ненаправената целосна проверка, дадена е согласност, натаму таа е позитивно оценета и врз основа на тоа добиена е лиценца и на тој начин е овозможено објектот ‘Пулс’ да работи и да остварува профит“, кажа Андонова.
Но, оттаму за дел од доказите на Кривичниот суд му одговориле дека целокупната документација во врска со дискотеката „Пулс” ја подигнале оттаму лица од Внатрешната контрола на МВР и дека не можат да им ги дадат потребните документи. На денешното рочиште поголемиот дел од адвокатите покрај надворешни сведоци, за сослушување ги предложија и своите клиенти, обвинетите.
С. К. ДЕЛЕВСКА



