ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА ДОЗВОЛА СЕ ДОСТАПНИ И НА ТЕЛЕФОН, ПРОМОВИРАНА АПЛИКАЦИЈАТА „М.УСЛУГИ“

    ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА ДОЗВОЛА СЕ ДОСТАПНИ И НА ТЕЛЕФОН, ПРОМОВИРАНА АПЛИКАЦИЈАТА „М.УСЛУГИ“За време на презентацијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во живо ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска, личната карта и возачката дозвола ќе бидат достапни на мобилен телефон. Министерството за дигитална трансформација ја промовираше мобилната апликација „м.Услуги“ (m.Uslugi), односно новиот мобилен пристап до дигиталните јавни услуги и електронските документи на граѓаните.

    Апликацијата е замислена како единствен мобилен пристап до дигиталната држава – со дигитален идентитет, електронски документи, јавни услуги и известувања на едно место, а во следните фази и со интегрирани плаќања. Апликацијата е бесплатна и нејзиното користење е целосно доброволно. Таа претставува дополнителен, побрз и поедноставен канал за пристап до јавните услуги и електронските документи, без да ги укинува останатите начини на кои граѓаните можат да комуницираат со институциите. Целта е секој граѓанин кој сака да ги користи придобивките од дигиталните услуги да може тоа да го направи едноставно и без дополнителен трошок.

    За време на презентацијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во живо ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник.

    „Ова не е фотографија од личната карта, ниту ПДФ документ. Ова е електронска верзија на документот во мобилниот телефон“, рече министерот.

    Една од функционалностите што беше демонстрирана е можноста за селективно споделување податоци. Наместо корисникот да го покажува целиот документ кога треба само да ја потврди својата возраст, апликацијата овозможува да се сподели само потребната информација.

    „Ако единственото прашање е дали едно лице е полнолетно, нема потреба да се споделуваат адресата, бројот на документот и сите останати лични податоци. Современиот дигитален идентитет значи да се сподели само оној податок што е потребен“, рече Андоновски.

    Тој нагласи дека целта не е постојните административни постапки само да се префрлат од шалтер на мобилен телефон, туку тие суштински да се поедноставуваат.

    Покрај дигиталните документи, преку „м.Услуги“ се добива и мобилен пристап до првите електронски услуги.

    „Кога почнавме со дигиталната трансформација, целта не беше да креираме уште апликации, портали и регистри. Прашањето беше многу поедноставно – како да ја направиме државата попристапна за граѓаните. Предолго државата за многу луѓе беше шалтер, работно време, документ што недостига и податок што државата веќе го има, но повторно бара од граѓанинот да ѝ го донесе. Со ‘м.Услуги’ почнуваме да го менуваме токму тој однос“, рече Андоновски.

    Министерот кажа дека идејата за „м.Услуги“ започнала во 2024 година, по неговото учество на Дигиталниот самит во Цирих и запознавањето со украинскиот модел „диа“. Концептот потоа беше развиен како дел од европскиот проект „GovTech4All“, преку програмата „Digital Europe“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира