Полицијата нема да ги признава дигиталните лична карта и возачка дозвола туку граѓаните треба да си ги носат и пластичните документи. Министерството за дигитална трансформација вчера ја промовираше мобилната апликација м услуги (m.Uslugi) односно новиот мобилен пристап до дигиталните јавни услуги и електронските документи на граѓаните, но засега овој тип на документи нема да важат пред државните органи.
„Ако полиција ве застене да ве легитимира и ви побара лична карта или возачка дозвола ќе мора да ги приложите пластичните документи. Потребни се измани на закон и правилници, но се работи на тоа. Дотогаш носете си ги со вас и пластичните документи“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот Стефан Андоновски.
Апликацијата е замислена како единствен мобилен пристап до дигиталната држава – со дигитален идентитет, електронски документи, јавни услуги и известувања на едно место, а во следните фази и со интегрирани плаќања. Апликацијата е бесплатна и нејзиното користење е целосно доброволно. Таа претставува дополнителен, побрз и поедноставен канал за пристап до јавните услуги и електронските документи, без да ги укинува останатите начини на кои граѓаните можат да комуницираат со институциите. Целта е секој граѓанин кој сака да ги користи придобивките од дигиталните услуги да може тоа да го направи едноставно и без дополнителен трошок.
А. АНТЕВСКА



