Започна обнова на дрвената конструкција на една од најпосетените локации на Пелистер, видиковецот на 2.000 метри надморска височина, под врвот Стив. Конструкцијата од која има широк поглед кон градот и околината со години беше руинирана, па и опасна за качување поради што во последнo време беше забранета за употреба.
Активностите за обнова ги презеде Националниот парк (НП) „Пелистер“ и Ротари клубот „Битола Широк Сокак“, а градежните материјали се пренесуваат со коњи. Со ова видиковецот ќе добие обновена дрвана конструкција која че биде безбедна за искачување.
Од Националниот парк „Пелистер“ соопштија дека во претстојниот период, согласно условите за работа на терен, ќе бидат поставени нови содржини на локациите Јоргов Камен (1.744мнв) и Црвени Стени (1.788мнв).
„Станува збор за едни од најпосетуваните локации во рамки НП ‘Пелистер’ кои меѓусебно се поврзани со атрактивни планински патеки со вкупна должина која надминува триесетина километри. Содржините се во функција на зголемување на атрактивноста на наведените локации без да се наруши пејсажната вредност на просторот на кој истите ќе бидат поставени“, соопштија од Паркот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



